Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членови на делегацијата


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Претседателот Пендаровски положи венци со свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Претставник на Кабинетот на Претседателот положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес.

Претставник на Кабинетот, како дел од државната делегација, присуствуваше на церемонијата на одбележување на годишнината пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље, Босна и Херцеговина.

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, составена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, со положување свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ја одбележа 20-годишнината од неговата трагична смрт.

Покрај владините претставници, на овогодишното одбележување во Бутел присуствуваа и положија цвеќе сопругата на поранешниот Претседател на Република Северна Македонија Борис Трајковски, Вилма Трајковска со членови од семејството, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.