Одбележани 40 години од доделувањето на Нобеловата награда за мир на Мајка Тереза


По повод одбележувањето на 40-годишнината од доделувањето на Нобеловата награда на големата хуманистка и добротворка, светицата Мајка Тереза и успешниот проект „Истражување на животот и делото на Мајка Тереза во архивите на Луцерн и Женева, Швајцарија“, министерот за култура Хусни Исмаили денеска ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза и од страна на директорот Ариан Асланај беше информиран за нејзините активности.

На прес-конференцијата што се одржа во Спомен куќата беа презентирани и нови оригинални документи со кои од неодамна располага установата.

– Разговаравме за идните проекти на Спомен куќата особено за некои важни документи кои директорот Асланај ги има добиено од истражувања спроведени во Швјацарија, заедно со директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани, рече министерот Исмаили.

Ценејќи ја нивната работа, министерот посочи дека ќе ја разгледаат можноста да се поддржи нивното објавување, осигурувајќи се дека тие се важни за секоја албанска нација и за сите заинтересирани за животот и делото на Мајка Тереза.