Одбележана годишнината од убиството на петтемина струмички студенти


Со положување цвеќе пред споменикот на петтемина убиени струмички студенти – Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Јармов, Ѓорѓи Костуранов и Стево Топчев, денеска беше одбележана 68-годишнината од нивното убиство.

За животот и делото на петтемина студенти зборуваше Никола Андонов, претседател на Здружението на политички затвореници.

-Нивната визија и цел и нашата заедно со вас ќе ја преточиме во традиција, ќе помагаме и ќе се залагаме за правна, демократска, економски просперитетна, независна и суверена македонска држава-членка на ЕУ и НАТО, со посебен статус со САД и Велика Британија што беше идејата и на покојните, а е преземена од нашите предци, истакна Андонов.

Пред споменикот на петтемина убиени струмички студенти цвеќе положија членови на нивните семејства, градоначалникот и членови на Советот на Општина Струмица, политички партии, здруженија на граѓани и претставници на државни институции.

Рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица изведоа поетски колаж, а на гробиштата во Струмица беше одржана панахида за петтемина студенти.

Петтемина струмички студенти се убиени на 13 август 1951 година на планината Беласица, наводно во обид нелегално да ја поминат границата и да побегнат од државата.