Одбележан Светскиот ден на мозочниот удар


Настан по повод Светскиот ден на мозочен удар, на кој граѓаните имаа можност да се запознаат со причините и последиците на оваа состојба, се одржа денеска на плоштадот Македонија.

Светскиот ден на мозочен удар се одбележува уште на две локации, во Кочани и Тетово.

Претседателката на Македонското невролошко здружение, проф. д-р Драгана Петровска-Цветковска, на настанот истакна дека целта на настанот е да се подигне свеста кај населението за тоа што претставува мозочниот удар, како да се препознае и како да се реагира.

 – Треба да се реагира најитно, затоа што мозокот е време, односно времето е мозок и нас секоја секунда ни е драгоцена за да спасиме што е можно поголема територија на нервни клетки, истакна таа и додаде дека една третина од пациентите се извлекуваат од целата таа криза без последици, една третина од пациентите завршуваат со тежок инвалидитет, а една третина завршуваат фатално. 

Како што нагласи докторката, согласно светската статистика, секоја 40. секунда има ново лице со мозочен удар, секоја четврта минута некое лице со мозочен удар завршува со фатален исход, односно смрт.

 – Светската светската податоци говорат дека за жал, нашата држава се наоѓа на картата во црвена зона, односно како во однос на стапката на морбидитет, така и во однос на стапката на морталитет, потенцираше Петровска-Цветковска.

Претседателот на Македонското здружениепо кардиологија, проф. д-р Маријан Бошевски, нагласи дека три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања.

 – Три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања, пет до шест црвени вина во неделата по 180 милилитри ја преполовуваат исто така честотата на кардиоваскуларните, односно циркулаторните заболувања како таква. Секако тука не треба да се избегне форсирањето на физичката активност и здравиот начин на живот, отфрлање на се она што е несакано, како што е пушење, истакна Бошевски.

 

Петровска-Цветковска и Бошевски порачаа дека луѓето треба да бидат свесни дека треба да направат некои чекори во однос на заштита на своето здравје, да не се доведат во ситуација да доживеат мозочен удар.