Одбележан денот на пожарникарството – нови 20 пожарникари


Фото: Б.Грданоски

Во противпожарната станица во Автокоманда денеска беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Свеченоста почна со постројување на скопските пожарникари, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, на градоначалникот Петре Шилегов му поднесе рапорт.

Пожарникарите ги жртвуваат своите животи за да ги заштитат туѓите животи и нивните имоти. Понекогаш таа пожртвуваност претставува многучасовна борба со најголемиот непријател – огнот, рече Владимир Симоновски, командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје на одбележувањето на 20 Мај – Денот на пожарникарството.

-Во првиот квартал имавме 801 пожарна интервенција, 35 технички интервенции и 25 обезбедувања, меѓу кои и обезбедувањето на aпостолската посета на папата. За разлика од минатите години каде бројката е значително помала, a покрај тоа успеавме да одговoриме на предизвиците и несаканите ситуации. За таа цел мораме особено да внимаваме за подобрување на условите за работа на пожарникарите. Почнавме со набавка на опрема за лична заштита, изолациони дишни апарати, ППЕ опрема. Почнавме и завршивме со реновирање на делови од објектите и платформата, нагласи Симоновски.
Најави дека од први јуни заедно со пожарникарите на интервенции ќе оди и медицинска служба.

– Градот Скопје вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Ова се само дел од тековните потреби на една модерна Бригада за противпожарна заштита. Знаеме дека оваа опрема долго време ја очекувавте и свесни сме дека вашите потреби не завршуваат тука. На Бригадата за противпожарна заштита и е потребна нова и модерна опрема согласно со европските стандарди – рече денеска Шилегов.

Бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побогата за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни 50-тина вработувања.

– На тој начин, го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено сме чекор поблизу до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители. Вложувањата во развојот на пожарникарството не смеат да престанат. Со секое наредно вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање услови за поголема безбедност на граѓаните – додаде Шилегов.

Тој нагласи дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за Скопје.

– Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, и без вас оваа хумана мисија би била невозможна. Продолжете да бидете наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот – порача градоначалникот Шилегов.