Одбележан денот на органодарителството


Во Република Северна Македонија денеска се одбележа Денот на органодарителството. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се проширила програмата за трансплантација на органи во земјата, па така освен бубрези, сега има листи за чекање за донирање на црн дроб, коски и ткива, срце и педијатриска листа за срце.

Филипче рече дека и покрај кризата со Ковид-19 не смее да се дозволи другите болни да се соочуваат со здравствени проблеми. Потсети дека веќе се извршила трансплантацијата на срце од починат донор во мај годинава и дека тој чин веќе дава резултати.

Имајќи предвид дека ова сега се работи во посложени услови, бидејќи дел од анестезиолозите се ангажирани со болниците поради Ковид-19, министерот кажа дека има план по кој ќе се работи и во овие услови, затоа што не може да се претпостави кога ќе може да се направи трансплантација.

Националниот координатор за трансплантација Маја Мијовска Мојсовска укажа на дел од идните планови, посочувајќи дека се зголемени тимовите на болничките координатори, главно на хируршките клиники и оти притоа е направена внатрешна едукација. Започнато е да се работи на отворање на банка за донирање на коски и ткива, што може да се употребуваат за трансплатанција, а центарот би бил Мајчин дом.

Мијовска Мојсовска најави дека во среда би требало да се изведе уште една трансплантација на бубрези со жив донор, но тоа зависи од состојбата со Ковид-19, а операцијата ќе се изведе почитувајќи ги сите протоколи во болнички услови.