Одбележан Денот на македонската полиција


Со полагање цвеќе на спомениците на загинатите припадници на полицијата и доделување благодарници на најуспешните, денеска во кругот на МВР беше одбележан 7 Мај, Денот на македонската полиција.

Благодарници им беа врачени и на амбасадорите на земјите чии полициски припадници помагаат во обезбедувањето на јужната граница, како и на претставници на месната заедница Ласкарци за укажаната помош на повредените во автобуската несреќа на автопатот Скопје – Тетово.

-Сите ние сме сведоци на она што го постигнавме во изминатиот период. Се соочивме со многу предизвици кои беа резултат на општествено политичките текови во нашата земја, но и на негативните искуства во минатото. Денеска МВР веќе јасно ги има контурите на институција која претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната  сигурност и безбедност, како и на сигурноста и безбедноста на општеството во целина, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во поздравниот говор.

Тој посочи дека со јасно декларираната политичка волја за промени, полицијата зачекори во период на интензивни и динамични реформи со поддршка од меѓународните партнери, академската јавност и граѓанското општество.

-Ги отворивме вратите на институцијата која претходно беше недопирлива. Транспарентноста, отчетноста и одговорноста се прифатени правила на работење во МВР. Ги поставивме новите рамки на визијата за полицијата како реален сервис на граѓаните и пред нас допрва  се поставуваат нови, исто така, важни задачи и цели чија имплементација и операционализација ќе донесе објективни  професионални стандарди и вредности во чија основа стои владеењето на правото, рече Спасовски.

Потсети дека во периодот од осамостојувањето до денеска имаше многу подеми и падови во МВР, добри и лоши работи, реформи и навидум реформи, но потенцира, убеден сум дека сето тоа како практика сега е веќе зад нас.

-Нашата држава после деценискиот застој направи голем чекор напред во остварувањето на примарната стратешка цел – полноправно асоцирање во евроатланските интеграции. Тој чекор мора полноправно да го следат сите институции на системот и да се надградуваат, унапредуваат, професионализираат и стандардизираат. Полицијата тоа без дилема го прави, потенцира Спасовски.