Од Зафир не се бега


ЕРОЛ РИЗАОВ

Што направивме и како ја испративме ние една од нашите големи музички икони, кој  целиот свој работен век ја претставуваше Македонија ширум светот. Не направивме речиси ништо. Тажно и срамно

 

Белград денес се прости од Зафир Хаџиманов, еден од најпознатите и најдобри македонски уметници. Урната со неговата пепел е поставена во Алејата на заслужните граѓани. Кај што му е местото. Што направивме и како ја испративме  ние една од нашите големи музички икони кој, продолжувајќи го делото на својот татко Васил Хаџиманов (еден од најголемите македонски етномузиколози) целиот свој работен век ја претставуваше Македонија ширум светот. Не направивме речиси ништо. Тажно и срамно.

Освен веста за неговата смрт и неколкуте емисии снимени од поодамна ниту една комеморација, ниту пак некоја специјална емисија посветена на Зафир, ниту едно сеќавање од бројните негови колеги. Ништо од тоа. Еснафските здруженија на музичарите се гласни само кога ќе се отворат полемиките за тантиемите – читај за парите и за суетите.

Не ни е првпат. Како што ја испративме молкум Есма Реџепова, светската кралица на ромската музика од македонското поднебје. Како што го испративме и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски, планетарен музичар и хуманист. Како што ја испративме и ненадмината и најубава Коштана, Уснија Реџепова, по нејзина последна желба погребана на Градските гробишта Бутел. Како што испраќаме голем број наши дејци кои ја задолжиле Македонија, така направивме и со Зафир.

Со јанѕи во себе го одложував овој текст со мислата и надежта дека сепак не сме дојдени до таму само со сочувства на Фејсбук и со веста дека Зафир си заминал од овој свет да ѝ се оддолжиме на една блескава ѕвезда. Какво е ова проклетство сите наши големи вредности, нашите легенди во сите области со голема леснотија да ги бришиме и при живе и кога ќе си заминат. Знаеме да кренеме силна ѓурултија за секоја негација на нашата култура, национална самобитност, за јазикот, за идентитетот, за нашите длабоки корени и тоа со жесток политички јазик, а кога треба да им се оддолжиме, да оддадеме должна почит на носителите на таа култура, на тие врвни достигнувања, на тие исклучителни личности кои во светот ја легитимираат македонската посебност, молчиме.

Да, да, молк кој зборува многу за нас. Тешка  е оваа цензура на примитивизмот, на провинционализмот, некој ќе рече со право, на зависта… Се сеќавам на една вест одамна прочитана која останала неизбришана во мојата глава. Цел Париз излегнал на улиците да го испрати во рајот најдобриот фурнаџија кој го правел најубавиот леб. Парижаните  знаат дека лебот е дел од големата култура и дека затоа треба да му се оддолжат на свој сограѓанин, да го посипаат со цвеќиња патот до гробиштата  и да запалат свеќи. Запали ли некој свеќа за Зафир барем пред Универзална сала.

За голема утеха од Зафир не може да се избега како што не се бега од неговата антолигиска песна „Од љубов не се бега“. Остануваат неговиот песни и убавите сеќавања на нашите дружби кај Јоле и кај Чамо. Легендите не можат да се избришат. Колку повеќе ги премолчуваме толку се погласни. „Био је мај. Био је и Зафир. И остао је“. Ќе дотече тој пак како Вардар. Неговиот син Васил надарен на татко му и неговата сопруга југословенската дива Сенка Велетанлиќ кога ќе стиша пандемијата ќе организираат простување од Зафир Хаџиманов какво што приличи и какво што заслужува големиот и сестран уметник. Никогаш не е доцна и Македонија да се приклучи на ова збогување и да испере нешто од својот срам.