Од вторник слободни цени на бензините


Фото: Б. Грданоски

Неизвесно е колкава „луфта“ ќе имаат трговците со нафтени деривати, да ги продаваат по нови, свои цени. Зашто од 8 мај веќе не важи договорот на државата со „Хеленик петролеум“, според кој беше изготвена досегашната методологија за пресметка на цени на дериватите. А нова методологија сè уште нема. Анализите на регулаторот и искуствата од регионот покажале дека во овој момент за Македонија не е препорачлива либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати.

„Измените и дополнувања на Законот за енергетика поминаа два пати во Собрание. Но не беа потпишани од претседателот. По потпишувањето на овие измени, од новиот претседател, веднаш ќе ја усвоиме новата методологија за малопродажни цени за нафта и нафтени деривати. И притоа, со новата методологија нема да предизвикаме никакви ценовни шокови за корисниците“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, но не очекува од вторник, во овој „слободен простор“ без методологија, да има големи ценовни поместувања.

Според новата методологија, за која Регулаторот вели дека е речиси завршена, цената на дериватите ќе се формира врз основа на цената на светските берзи, за секој дериват поодделно, влијание ќе има и курсот на доларот како и трошоците на трговците увозници кон странските трговци, трошоците за транспорт до складиштата во Македонија, трошокот за превоз од складиште до бензинските пумпи и одредена маржа што им следува на компаниите, со цел да продолжат нормално да работат и функционираат.

Во моментов е отворено и прашањето дали трговците ќе ја добијат бараната маржа од 6 денари за литар.

Бислимоски вели дека сите параметри ќе бидат познати откако ќе добијат уште некои податоци од Царинската управа. Но тврди дека со новата методологија нема да се предизвикаат ценовни шокови за потрошувачите.

Анита Салтировска