Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат: Европската перспектива загрозена, Власта се плаши од предвремени избори


Фото: Б.Грданоски

Најголемата опозициска партија во државава, ВМРО-ДПМНЕ, повторно бара предвремени парламентарни избори, притоа предупредувајќи дека европската перспектива на државата е загрозена.

„Македонија тоне во криминал и корупција од денот кога Зоран Заев седна во премиерската фотелја. Аболицираниот Заев и криминално-рекетарската банда со која тој раководи ја ограбија државата, а буџетот го третираат како партиска сметка.

Откако преку криминални тендери, грантови и непотизам испумпаа милиони евра народни пари кои завршија на личните сметки на партиски и државни функционери сега Заев се надева дека Европските фондови ќе и помогнат на македонската економија. Криминалците на власт секојдневно ги задолжуваат граѓаните, а проекти нема. Сите знаеме каде завршуваат овие пари.

Со рекет, уцени, целосна контрола на власт врз правосудството, криминал и корупција Македонија нашата европска перспектива е загрозаена. Со Зоран Заев како премиер нема напредок“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во таборот на ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека тие ќе ја формираат следната влада, притоа напоменувајќи дека рејтингот на Зоран Заев и довербата во актуелната власт опаѓа кај граѓаните, односно дека поразот на СДСМ е загарантиран.

„Анкетите покажуваат дека паѓа довербата во Заев и оваа Влада. Заев е во паника, веќе е јасно дека идната Влада на Република Македонија ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Поради оваа причина власта се плаши од предвремени парламентарни избори. Но граѓаните нема да го заборават криминалот на оваа власт, нема да го заборават рекетот, политичкиот прогон и уназадаувањето на државата на секое поле. Полтичката кариера на Заев е завршена, а поразот за СДСМ на следните избори е загарантиран кога и тие да се случат“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.