Од вкупниот број активни на вирусот, 45 отсто се во Скопје, речиси 10 отсто во Штип


Фото: Б. Грданоски

Вирусот Ковид-19 е потврден кај уште 128 луѓе од направени 1025 тестирања во 24 часа. Вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата со нив достигна 10 213. Во вчерашниот здравствен билтен беа регистрирани и шест починати пациенти, на возраст од 48 до 82 години, 137 оздравени, а 4183 се во моментов болни.

Од новопотврдените 128 инфицирани, најмногу (52) се во Скопје, следува Штип со 29, а двоцифрен број новозаразени имаат Гостивар (13) и Кавадарци (10).

Во вчерашниот биланс Скопје бележи и најмногу оздравени, 108 од 137-те во цела држава, но и натаму има висок број активни случаи, односно 1876 од вкупно дијагностицираните 4660 досега.  Од скопските општини, над 200 болни во моментов имаат Чаир (265) и Аеродром (207), 193 се во Гази Баба, 183 во Кисела Вода, 164 во Карпош, 150 во Центар, 133 во Бутел, 129 во Ѓорче Петров, 120 во Шуто Оризари и 109 во Сарај.

Фото: Б. Грданоски

 

Трицифрен е бројот на активни случаи во осум градови во земјава: 409 во Штип, 284 во Куманово, 278 во Тетово, 234 во Гостивар, 206 во Струга, 189 во Свети Николе, 124 во Дебар и 111 во Охрид.

Во изминатите денови се зголемува бројот на позитивни на Ковид-19 во Штип и со 409 е општина со најмногу активни случаи по градот Скопје.  Од тамошниот Центар за јавно здравје соопштија дека вчера епидемиолозите зеле 100 брисови – нови и контролни. Во регионот на Штип вчера немаше регистрирани оздравени пациенти, а на Инфективното одделение во штипската болница се лекуваат 49 пациенти.

Во Свети Николе, каде што има 189 активно болни, ќе биде отворен мобилен пункт за тестирање, потврди градоначалникот Сашо Велковски, кој вчера соопшти дека ја добиле одлуката од Владата. Кризниот штаб на оваа општина чека детали за пунктот и колку пати во неделата ќе доаѓаат епидемиолози од Центарот за јавно здравје-Велес. Покрај пункт, Општината побара и санитетско возило за транспорт на заразените до болниците во Штип и Велес, но за ова барање сè уште чека одговор.

Фото: Б. Грданоски

Во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на епидемијата, Кризниот штаб во Гевгелија ја поддржа иницијативата за поставување монтажна модуларна болница во оваа општина која ќе функционира како регионален КОВИД-центар. Таа ќе се простира на 450 квадратни метри во близина на Општата болница во Гевгелија.

– Со неа се исполнуваат двата основни критериума – монтажниот објект со тријажен центар и стационар да биде близу до Општата болница и да има непосреден пристап до потребната инфратруктура, изјави градоначалникот Сашо Поцков.

За поддршка на земјава во справувањето со пандемијата и директна помош на граѓаните, четири јавни здравстевни установи: Клиничката болница Штип, општите болници во Куманово и Прилеп и Здравствениот дом Гостивар добиваат донација од Амбасадата на Германија во вкупна вредност од 152.000 евра. Донираните средства ќе бидат наменети за набавка на медицинска опрема и амбулантни возила.

Тетово бележи опаѓање на бројот на новодијагностицирани и подолг период тој е помал од десет. Во вчерашната статистика беа регистрирани шест нови случаи. Но и во овој град сè повеќе се чувствуваат штетите во економијата предизвикани од пандемијата. Тоа го констатираше и Кризниот штаб на Тетово зашто многу мали бизниси затвораат бидејќи  се поврзани со услуги за кои сега нема побарувачка.

Фото: Б. Грданоски

Поддршка од државата бараат и туристичките работници кои за утре најавија мирен протест пред Владата за повторно да укажат дека самите не можат да ја надминат ситуацијата во која западнаа поради коронавирусот и дека без помош многу туристички агенции се принудени да стават клуч. Се работи за повеќе од 300 агенции во целата држава и над пет илјади вработени во овој сектор.

Македонските државјани ќе може да патуваат во Бугарија чија влада вчера одлучи делумно да ги олесни мерките за влез и тоа да важи за пет држави меѓу кои и за нашата. Услов е да имаат негативен ПСР-тест не постар од 72 часа. За разлика од Бугарија, Грција поради коронавирусот ја продолжи до 31 јули забраната за влез на македонски државјани