Од Винковци до Загреб со воз патувале 19 часа: „Имаше паника, луѓето плачеа“


Возот FAST на Хрватски железници, кој тргнал од Винковци, вчера, во 17.27 часот, на станицата во Загреб пристигна дури денеска околу 12.30 часот. Очекуваното време на возење е нормално 4 часа и 33 минути. Причина е големото невреме кое вчера ги зафати Славонија и Загреб.

Петар Бошњаковиќ, кој има 74 години, е еден од патниците одовој воз кој вели дека однесувањето на Хрватските железници за време на овој настан не било соодветно.

„Тргнавме во 17 часот и 27 минути, околу 18 часот и 21 минути, влеговме во невреме, такво нешто се случува еднаш во животот. Никогаш не сум доживеал такво нешто. Сѐ се нишаше. Откако го поминавме Гарчин, застанавме. Тоа е дел од патот каде што има шуми од левата и десната страна“, објаснува Бошњаковиќ.

Вели дека тогаш почнала нервозата.

„Почнаа прашањата, на луѓето не им беше гајле. Имаше еден тип од возот, тој беше љубезен, ни кажуваше информации првите три-четири часа. Но, набрзо прекина целата комуникација. И околу полноќ снема струја. Дури и малите сијалици што беа таму горе не работеа.

Немаше вентилација, ништо. А тоа се понови возови каде што не можеш да го отвориш прозорецот или вратата, затворен си како во подморница. И тогаш почна плачењето, почна нервозата. Некои луѓе се чувствителни. Не беше лесно да се слуша. Младината заспа, на постарите им беше тешко. Знаете, посиромашните луѓе се возат со тие возови. Гледате што е живот.

Таму имаше хронични пациенти, едни одеа на операција, други на очен преглед поради глауком. Се среќавате со луѓе, ги гледате туѓите проблеми. Се охрабрувавме да издржиме. Психолошки беше полесно бидејќи беше јасно, па се опуштив гледајќи во соѕвездието Големата мечка“, објасни Бошњаковиќ.

„И во Старо Петрово Село чекавме три и пол часа“

Вели дека струјата дошла наутро.

„Тогаш стигна информацијата дека е блокирано до Славонски Брод, дека нема напон. Ние предложивме кога ќе стигнеме до Славонски Брод да нѐ пречекаат автобуси и да нѐ однесат до Загреб, рекоа дека тоа не може да се случи.

Во основа, стигнавме до Славонски Брод, а потоа до Старо Петрово Село, каде што чекавме уште три и пол часа. Кога стигнавме во Новска се префрливме и отидовме во друг воз. На Поповача се качивме во автобус, а во Иваниќ Град повторно во возот што нѐ донесе во Загреб во 12.30 часот. Патувавме 19 часа“, рече тој.

Вели дека е лут од односот кон патниците.

„Посакувам некој да објасни нешто, да каже… Нема ништо. Замислете дваесет часа, а без струја, без вентилација толку часа. Ништо, ништо… Јасно е дека е невреме, не можете да влијаете на тоа, но не добивме ни извинување.

Ни текна да дојдат возилата за одржување на пругата и да нѐ однесат до Славонски Брод, но очигледно тоа не беше опција. Што ако на некој му се слошеше?“, прашува тој.

Сепак, вели дека им биле дадени оброци.

„Ни дадоа кроасани со еурокрем и мало шише вода од 250 милилитри. Тоа ни го дадоа во два наврати. Имаше луѓе кои останаа без течност, па ние им побаравме. Тоа ни го дадоа во два наврати”, заклучи Петар Бошњаковиќ.

Жрватски железници: На патниците кои патувале со споменатиот воз ќе им биде вратен целиот износ на билетот

Изјава за овој случај од Индекс.хр побарале од Хрватски железници – превоз на патници.

„Најпрво им се извинуваме на патниците во возот 1840.

Вчера, поради невреме возот 1840 кој тргна од Винковци во 17 часот и 27 минути, во 18 часот и 45 минути беше запрен пред станицата Гарчин поради губење на напон на контактната мрежа. Во возот 1840 имало 10 патници во вагон со кревети.

Со оглед на тоа што патиштата во тој реон беа затворени, ХЖПП не можеше да ангажира автобуси за замена, поради што патниците ја поминаа ноќта во возот. На патниците им беа обезбедени оброци и пијалоци.

Денеска во 1 часот возот тргнал од Гарчин и во 2.17 часот повторно бил запрен во Старо Петрово Село поради прекин на струја во контактната мрежа. Возот го продолжи патувањето од Старо Петрово Село во 7.34 часот.

Дел од патниците се откажале од патувањето, а 6 патници пристигнале во Загреб околу 12.30 часот. По пристигнувањето во Загреб, на патниците повторно им биле обезбедени оброци и пијалоци, а во моментов со заменет минибус се превезуваат до станиците Шибеник и Сплит. На патниците кои патувале со споменатиот воз ќе им биде вратен целиот износ на билетот“, напишаа оттаму.