Од Венко Андоновски до Румена Бужаровска: Серија средби на писатели и читатели во „Три“


Издавачки центар ТРИ најавува серија книжевни средби меѓу книгите во рамки на „Зимскиот фестивал на книгата“. Во периодот од 21 јануари до 31 јануари, во книжарницата на ТРИ во Градски трговски центар (ГТЦ), ќе се одржат средби меѓу писатели и читатели – неколки „книгокругови“ на читатели и писатели, со читања, разговори и размена на топли зборови и напивки.

„Книгите се топол дом оваа зима. Затоа Издавачки центар ТРИ реши книжевните средби да ги одржи меѓу книгите, во книжарницата во ГТЦ. Започнуваме со копнежлив книгокруг со поетско читање од ‘Антологија на копнежот’, со стихови кои допираат до најскриените катчиња на душата“, велат од ТРИ.

Книжевната средба за „Антологија на копнежот“ ќе се одржи на 21.1. (вторник), во 19 часот. Средбата ќе биде отворена од поетесата и приредувачка на антологијата, Виолета Танчева-Златева. Присутните ќе имаат можност да слушнат поезија од македонските поети кои се застапени во антологијата, кои ќе нè сплотат со стихови кои го слават постоењето и копнеењето. На овој поетски книгокруг, свои стихови за копнежот ќе прочитаат Елизабета Баковска, Зоран Анчевски, Сузана В. Спасовска, Марина Мијаковска, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Владо Поповски, Лира Бојку, Иван Антоновски, Снежана Стојчевска, Даим Мифтари, Сеида Бегановиќ, Жарко Кујунџиски, Делвина Крлуку, Ивана Јовановска и други.

Вториот книгокруг – „Без цензура“, ќе се одржи на 27.1. (понеделник), од 19 ч., по повод второто издание на првиот роман на писателката Румена Бужаровска – „Тони“.

„Подгответе се за длабоко искрени одговори на прашањата што се отворија по неговото читање. Без цензура, директно од Бужаровска“, посочуваат од ТРИ.

Третиот книгокруг е посветен на лепословието на Венко Андоновски. Книжевната средба ќе се одржи на 29.1. (среда) во книжарницата на ТРИ во ГТЦ  од 19 часот, и е посветена на најновото дело на македонскиот писател и професор, „Опијатите на лепословието“ – лична теорија за романот, расказот и драмата.

„Како што вели Андоновски, лепословието се пишува исклучиво на мајчин јазик, па на третиот книгокруг ќе ги славиме македонскиот јазик и сите негови игри и трансформации преку делото за кое тој вели дека е негов личен ‘прозен готвач’ полн со рецепти за тоа како да се искали еден книжевен текст“, истакнуваат од ТРИ.

На 30.1. (четврток), во скопската „Јуроп хаус“, од 19 часот, ќе се одржи промоција на романот „Ѕвезди под клепките“ од современиот бугарски писател Николај Терзијски.

Романот во 2023 година ја доби Националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевноста и е номиниран за сите значајни прозни награди во Бугарија. Се работи за раскошен роман за најзначајните и најтешките животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. И ни дава можен одговор на некои од најголемите загатки на животот: каде, кога и како ја среќаваме љубовта.

На 31.1. (петок), од 19 часот, во книжарницата ТРИ во ГТЦ продолжува гостувањето на Терзијски, овој пат во подиректна средба со читателите и со потпишување на неговиот роман.