Од Венко Андоновски до Ана Трпеноска- три македонски драми избрани меѓу најдобрите во Европа
Првонаградениот текст „Мачкина глава“ од Венко Андоновски е семејна драма сместена во една балканска неименувана паланка во која тече митско, а не историско време, иако дејството се случува денес, во време на електронски комуникации
„Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година. Меѓу нив се и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик: „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, „Јас, на некое друго место“ од Ана Трпеноска и „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски.
Од „Еуродрам“ информриаат дека во конкуренција на 806 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 19 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направиле 335 членови од 27 посебни јазични комитети на „Еуродрам“. Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонски драми, се: Иван Додовски, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач), Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз, Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка, директорка на Драмски театар од Скопје.
Првонаградениот текст „Мачкина глава“ од Венко Андоновски е семејна драма сместена во една балканска неименувана паланка во која тече митско, а не историско време, иако дејството се случува денес, во време на електронски комуникации. Тоа е драма за тоталитарното мислење што ги контаминира семејните односи и се шири како глобална закана. Венко Андоновски е прозаист, драмски писател и универзитетски професор, автор на 35 првоиздадени книги од различни жанрови и на 17 пиеси, кои се изведувани и наградувани во Македонија и во други земји.
Инспирирана од вистински настан, драмата „Јас на некое друго место“ од Ана Трпеноска ја обработува темата на филицид, убивање на сопствените деца од страна на мајката, емигрантка од Балканот, која страда од депресија. Во едно нормално, навидум среќно семејство што живее во странство, за време на роденден се случува трагедија што ги разоткрива темите на отуѓеност, чувство на промашен живот, изместени вредности и притисок врз поединецот наметнат од конзумеристичкото општество. Ана Трпеноска е драмска писателка што живее и работи во Виена. Дипломирала драматургија на ФДУ Скопје. Две нејзини драми се играни на сцената на МНТ во Скопје. За нејзиниот текст „5:17“ добила меѓународно признание од ИТИ Унеско во 2014 година, а игран е на Форумот за современа драматика во Атина.
„Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски е сатирична и апсурдна драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал, па минува низ пекол борејќи се во бирократските лавиринти на државниот систем да си го врати голиот живот. Марјан Анѓеловски е автор на неколку драмски текстови и сценарист во телевизиските емисии „Фчерашни новости“ и „Еден на еден“.
„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.
Резултатите од конкурсот за 2022 година се објавени на официјалната страница на Еуродрам.