Од вечерва летно кино под илјада ѕвезди во Битола


Битола е филмски град и не смее да остане без кино, дури и во време на ковид кризата.
Работевме интензивно последниот период на техничко решение за летно кино и го имаме резултатот.

Мало летно кино, на една од најдрагите локации во нашиот објект, на косото плато под службениот влез на Центарот за култура – Битола и Малата сала.

Капацитетот ќе биде ограничен на околу 50 посетители, а цената на влезниците ќе биде по симболична цена од 100 денари.

Филмските проекции од вечерва ќе бидат реализирани по здравствените протоколи, меѓу кои на посетителите ќе им биде мерена телесна температура, задолжителна ќе биде дезинфекцијата на раце и носењето на маски.

Билетите за проекциите ќе се продаваат пред почетокот, на принципот „прв дојден, прв услужен“. Проекциите ќе започнуваат во 20:30ч.

Во репертоарот ќе бидат вклучени наградувани европски филмови од познати режисери, вклучивме и листа на комедии кои што на публиката ќе им овозможат пријатно расположение и мала пауза од секојдневието, како и филмови за најмладата публика.

Реализацијата на проекциите ќе зависи од временските услови, а репертоарот ќе се објавува на неделно ниво, при што секој ден ќе се прикажува нов филм.

Проекциите започнуваат вторник на 18.08.2020 г. во 20:30 ч. со комедијата „Добредојдовте во Германија“, во среда 19.08.2020 г. ќе се прикажува Оскаровецот „Паразит“, а во четврток 20.08.2020 г. уште една комедија „Брит Мари беше тука“- филм кој е снимен по истоимената бестселер книга.

Проекциите ќе бидат во работни денови и ќе траат се додека има поволни временски услови за реализација, а нова филмска програма ќе се објавува секоја недела.

Баравте кино под илјада ѕвезди во Битола, ние успеавме да ја исполниме оваа ваша желба. (Bitola News)