Од утре само еднаш дневно бесплатен влез на Скопскиот аеродром


Од утре, 1 септември, стапува во сила нов режим за користење на зоната „Hug & Fly“ пред терминалната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје. Возилата и натаму ќе можат бесплатно да застанат до 10 минути за оставање или преземање патници, но истото возило ќе може да ја искористи оваа можност само еднаш во период од 24 часа.

Новите правила ќе се спроведуваат преку систем за автоматско препознавање и евидентирање на регистарските таблички. Од ТАВ Македонија велат дека целта е да се спречи злоупотребата на зоната, да се намали метежот пред терминалот и да се обезбеди побрз проток на возила, особено во периодите со зголемен број патници.

Тоа значи дека возило кое еднаш во текот на денот го искористило бесплатниот десетминутен престој, при повторно доаѓање во следните 24 часа нема да може повторно бесплатно да ја користи зоната.

За возачите на кои им е потребно подолго задржување или повеќекратно доаѓање на аеродромот, останува на располагање главниот паркинг пред терминалот, кој има 1.200 места за автомобили и шест места за автобуси. Цената за паркирање започнува од 100 денари за престој до еден час.

Новото правило предизвика реакции кај дел од такси-превозниците, кои во текот на еден ден повеќепати носат и преземаат патници од аеродромот. Од здруженијата на таксисти оценуваат дека ограничувањето на еден бесплатен влез во 24 часа ќе им создаде дополнителни трошоци при работењето.

Од ТАВ Македонија, пак, остануваат на ставот дека промената е потребна за подобро управување со сообраќајот пред терминалната зграда.