Од утре повторно ќе се сместуваат ковид болни во модуларната болница


Фото: Б. Грданоски

Поради зголемениот број новозаразени, од утре се става во употреба модуларната болница во Клиничкиот центар во Скопје, јави Сител. 

Како што соопшти Министерството за здравство, во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализрани 39 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 323 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 22 приеми.

Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти и три на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени тројца пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид – центарот се лекуваат 28 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 83 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 96 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 22 пациенти. На ГАК има пет хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и изутрината до 8 часот имало 30 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, стои во соопштението.