Полициски час од утре во 22 часот до 5 часот наутро
Од утре во 22 часот започнува полицискиот час, кој ќе трае до 5 часот наутро. Одлуката ја потврди премиерот Зоран Заев, кој дополни дека Владата решила исто така да се воведе задолжителен карантин за нашите граѓани и туристите што доаѓаат од Африка. Тој напомена дека имало потреба од такво нешто затоа што, според него, граѓаните се опуштија, а непочитувањето на мерките придонело да има зголемен број на заразени.
Одлуката за полицискиот час на Владата се однесува на периодот од 10 до 22 март годинава. Таа е донесена на предлог на Комисијата за заразни болести поради зголемениот број на новозаболени и хоспитализирани лица од Ковид-19.
Комисијата за заразни болести предложи полицискиот час да важи од 22 часот навечер до 5 часот наутро во период од две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Мислење на комисијата е дека оваа рестриктивна мерка ќе даде резултати.
Одлуката ја соопштија и од Владата , заедно со забраната за движење на населението и на возилата од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 22 до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник).

„Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти.Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници“, соопшти премиерот Зоран Заев.
Според него, за транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат најмногу ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин. Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана на движење.Тоа ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и за оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.
Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.За дополнителните исклучоците во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот, во соработка со надлежните органи на државната управа.
Со оваа се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од африканскиот континент, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин).За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од Африка кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишувањето на изјава за транзитирање.