Од утре лек само со лична карта


Од утре почнува примената на новата мерка на Фондот за здравствено осигурување со која се укинуваат квотите на лекови, со што граѓаните ќе можат да го подигнат потребниот лек од која било аптека секој ден од месецот.

На овој начин, велат од Владата, ќе се спречи создавање домашни залихи од лекови кај пациентите кои се плашат дека може да го снема нивниот лек, но и ќе се спречат злоупотреби. Како што појаснија денеска од Владата, можни злоупотреби ќе се спречат со поголема контрола. Лековите ќе можат да се подигнат само со лична карта, за Фондот за здравствено осигурување да ја следи потрошувачката во реално време.

-Граѓаните ќе може да добијат лек од која било аптека секој ден и во секое време без разлика дали е почеток или крај на месецот. Нема да имаат потреба да создаваат домашни залихи. Се елиминираат турканиците кај лекарите и во аптеките во првите денови од месецот заради препишување рецепти, работата на лекарите ќе се поедностави. Ова подразбира и подобри услови за работа – изјави директорот на Фондот, Ден Дончев.

Тој рече дека новиот електронски систем ќе овозможи еднакви правила за работа за сите аптеки и дека на овој начин се елиминира фаворизирање на аптеките и спречување на конкуренција.

Дончев додаде дека постарите лица, децата под 18-годишна возраст и болните кои не се во состојба да подигнат лекови, не треба да стравуваат, бидејќи нивните блиски ќе можат да го подигнат лекот во нивно име.

-Деценискиот недостаток на лекови на товар на Фондот замина во историјата, граѓаните ќе можат во која било аптека да подигнат лек од позитивната листа на товар на Фондот – посочи тој.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека пилот-проектот кој летово беше спроведен во некои туристички места поминал успешно.
-Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен, Дојран, тука беше најголем притисок особено летните месеци кога туристите ги трошеа лековите на жителите. Овој пат за време на летните месеци сите имаа пристап до лековите – рече тој.

Премиерот, Зоран Заев, испрати апел до граѓаните, но и до фармацевтите, за совесно работење.

-Укинувањето на квотите е сериозен чекор, до сега според кажаното од граѓаните и преку медиумите меѓу први и петти завршуваа лековите. Заради психичкиот ефект на граѓаните, дека може да снема лекови после 15-ти, па си велат „да направиме домашна аптека за да не останеме без лекарства“. Ја отстрануваме оваа психолошка бариера, ги зајакнуваме контролните механизми бидејќи често се прават кривични дела со рецептите – рече Заев.

Од Владата појаснија дека од сега ќе биде елиминирана горната граница на потрошувачката на лекови во аптеките и ќе нема лимит колку лекови може таа аптека да продаде на товар на Фондот.

Од утре граѓаните кои сакаат да подигнат одреден лек ќе бидат легитимирани кај матичните лекари и во аптеките. Со ова ќе се овозможи следење во реално време на потрошувачката на лекови.

-Фондот ќе овозможи брза реакција каде сметаме дека нешто е нејасно при подигањето лекови кај поединци. Имаме најдено низа подигнати лекови кои се сомнителни, некои ќе се истражуваат внатрешно, а некои преку институциите на системот – рече Дончев.

Од Фондот најавуваат и измени во електронскиот систем следните месеци за да се спроведе оваа мерка според планираното.