Од утре генерален штрајк во градинките, училиштата…, СОНК ја повика Владата „да го одврзе ќесето“

Да бидеме начисто, никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат деца, да згрижуваат деца, да воспитуваат деца, нагласи Неделков


Штрајкот на СОНК ќе се одвива во сите установи на национално ниво, значи во целата држава во дејностите детска заштита, односно градинките, во основните и средните училишта во ученички и студентски домови и високо образовни институции кои ќе се приклучат во штрајкот по пат на солидарност, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков. 

Тој рече дека се надева претставници на Владата наскоро ќе ги повикаат на разговори со цел да се изнајде решение за зголемување на платите во образованието.

„Апелирам до Владата што побрзо да нè повика на преговори, да сфати дека со ваков однос кон вработените кои се од витално значење за државата не се оди никаде, да не повикаат да најдеме заедничко прифатливо решение. Владата што поскоро да го одврзат ќесето, да ги исполнат барањата на синдикатот и што поскоро да започне наставата“, рече Неделков. 

Инаку, како што појасни, штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место или попрецизно, штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои што заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно образовни и згрижувачки дејности.

Како што додаде, СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да се извршува воспитно образовна и згрижувачка дејност.

„СОНК ќе биде во штрајк, а одговорноста во однос на извршување на минимум услови за функционирање на установата ја има директорот“, рече Неделков додавајќи дека тука е и прифаќање евентуален број деца кои што по разни основи ќе дојдат во градинка.

„Да бидеме начисто, никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат деца, да згрижуваат деца, да воспитуваат деца“, нагласи Неделков.

Тој исто така посочи дека за жал дејноста е таква каде што можеби некој може поинаку да го протолкува неговото кажување, но реалноста, како шо рече е таа, како и меѓународните и домашните искуства, така што тоа е процесот на шрајкување во овие дејности.

Неделков додаде дека за време на штрајкот ќе бидат одложени некои активности кои што во меѓувреме биле закажани.

„Освен наставата ќе бидат откажани евентуалните наставнички совети, родителски средби полагање стручни испити, домашни, регионални, државни и градски натпревари и тн. Се што е поврзано со штрајкувачите, со вработените во дејноста згрижување, воспитание и образование на деца времено ќе бидат замрзнати, односно одложени“, рече Неделков.

Тој исто така рече дека во последниот период зачестиле притисоците, најмногу врз детските градинки и по разни основи вработените се приморувале да бидат на своите работни места и да функционираат и да работат како да нема штрајк.

„Одлуката на Советот на СОНК е донесена едногласно, врз основа на претходно изјаснување на членовите на синдикалните организации и таа е извршна“, рече Неделков додавајќи дека без разлика дали некој поединечно гласал за односно против поддршка на штрајкот, одлуката е извршна и секој мора да штрајкува.

„Сакам да подвлечам дека секој обид за заддушување на штрајкот односно оневозможување на изведување на штрајкот е многу сериозен прекршок казнив по домашните закони“, рече Неделков.

Притоа, адвокатката Верица Арсова, го појасни законот кој што ги брани штрајкувачите и им порача на директорите „да не си играат со штрајкувачите.

„Доколку некој од директорите или надворешни лица се обидат да го спречат штрајкот ќе бидат поднесени кривични пријави согласно законот каде што за попречување на штрајк е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, рече таа.

Неделков се осврна и на одредбата од законот која овозможува за време на штрајк да се вработуваат времено вработени работници, односно  заменски работници..

„Ние реагиравме и тогаш на тогашната власт, и се пожаливме до Меѓународната ораганизација на трудот која што реагираше во три наврати, но до сега ништо не е направено и одредбите во законот стојат, рече Неделков. (М.Ј.)