Од утре до сабота 99 тимови од 33 земји ќе ловат крап на Светското првенство на Мавровското Езеро


Во присуство на натпреварувачите, гости и љубители на риболовот на свечена церемонија вечерва во Маврово беше официјално отворено 26-то Светско првенство во лов на крап – Маврово 2026, кое од 2 до 5 септември ќе се одржува на Мавровското Езеро.

На првенството учествуваат 33 држави со 99 тимови, кои во Маврово ќе ги одмерат своите знаења, тактика, издржливост и спортско мајсторство во една од најатрактивните дисциплини на спортскиот риболов.

Како дел од организацискиот одбор и во својство на домаќини се обратија директорот на ЈУ Национален парк „Маврово“, Харис Ибраими, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакуповски и претседателот на Македонската риболовна федерација, Филип Серафимовиќ.

– Голема чест и гордост е за сите нас што сме домаќини на над 30 светски репрезентации. Маврово и целата наша општина поседуваат извонреден потенцијал за развој на спортскиот и алтернативниот туризам. Ова Светско првенство е совршена можност да ја покажеме нашата гостопримливост и да ги промовираме сите можности што ги нуди овој регион, рече градоначалникот Јакуповски.

Пред учесниците зборуваше и претседателот на Меѓународната федерација за спортски риболов во слатки води (FIPSed) и претседател на Меѓународната конфедерација за спортски риболов (CIPS), Клаудио Уго Матеоли

Натпреварот почнува од утре и ќе заврши на 5 септември со прогласување на најуспешните. Според рангот ова е најпрестижното натпреварување во спортски лов на крап оваа година. Според пропозициите вообичаениот формат на натпреварот е да трае од 72 до 120 часа (нонстоп риболов) со тимови од 2 – 4 натпреварувачи. Победник е тимот со најголема вкупна тежина на уловен крап.

згм/вг/