Од утре Албанија ја затвора границата со сите соседни држави


Од утре на полноќ Албанија ќе биде целосно изолирана. Премиерот Еди Рама најави дека копнената граница на Албанија ќе биде отворена само за транспорт на стоки.

„Од утре, недела на 15 март на полноќ, 00:00 часот, целосно се забранува влез во Албанија од Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Грција за сите патници со автобуси, минибуси или автомобили! Копнената граница на Албанија ќе остане отворена единствено за транспорт на стока. Страв ни најмалку, внимание да!“, напиша Рама на социјалните мрежи.

Во Албанија, според министерството за здравство, до сега регистрирани се 38 лица заразени со корона вирус, едно лице почина додека две се во тешка здравствена состојба.

Министерката за здравство Огрета Манастрилиу преку фејсбук попладнево упати апел до лекарите, медицински сестри и студентите по медицина.

„Секој што мисли дека може да му подаде рака на здравствениот систем, се замолува да се придружи што побрзо. Колку побргу делуваме, толку побрзо ќе можеме да се вратиме во нормала, напиша министерката.

Претходно премиерот Еди Рама ги повика пензионираните лекари специјалисти кои се во можност да дојдат во здравствените установи, за што ќе добијат награда од по 1.000 евра.