Од урнатините на зградата во Мумбај извлечени 35 тела, потрагата по преживеани продолжува


Од урнатините на зградата на периферијата на Мумбај веќе се извлечени 35 тела, а спасувачките екипи продолжуваат да се борат со дождот и несоодветните услови во обидот да најдат евентуално преживеани лица, изјави денеска висок владин претставник, пренесуваат британските медиуми.

-Поминаа повеќе од три дена, така што не знаеме дали се уште има преживеани, но не губиме надеж, изјави  Сатја Прадан, шефот на Националните сили за одговор при катастрофи.

Најмалку осум лица се уште се водат за исчезнати, а спасувачките екипи ги расчистуваат остатоците во потрагата по нив, додаде Прадан.

Трикатната зграда во еден тесен сокак на индустриската населба Биванди, на северо-источната периферија на Мумбаи, се урна во понеделникот рано утрината.

Спасувачката работа е отежната од дождот и тесниот пристап до уличката, што спречува на местото на руината да се донесе тешка механизација за расчистување на остатоците.

Официјалните лица се уште ја испитуваат причината за уривањето на конструкцијата, во која имаше 54 станови.

Ваквите несреќи се вообичаени во Индија за време на сезоната на монсуни, бидејќи поројните дождови можат да ги дестабилизираат старите и често нелегално изградени згради, појаснуваат британските медиуми.