Од Украина најави дека денеска ќе бидат обновени испораките преку нафтоводот „Дружба“


Украина денеска ќе го обнови транзитот нафта преку нафтоводот „Дружба“, изјави претставник на украинската нафтена индустрија, откако претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека поправките на системот се завршени и ја повика Европската унија да го деблокира заемот од 90 милијарди евра.

Транспортот на нафта треба да започне денеска напладне, изјави истиот извор додавајќи дека унгарската нафтена компанија „MOL Group“ веќе поднела барање за транзит.

Изворот кој инсистирал да остане неименуван, наведува дека првата испорака ќе биде рамномерно распределена меѓу Унгарија и Словачка, без да прецизира за колкаво количество станува збор.

Прекинот на дотурот нафта преку нафтоводот по рускиот напад во јануари врз пумпна станица во Украина, предизвика остри реакции од Унгарија и Словачка, обете членки на Европската унија.

Тие го обвинија Киев дека намерно ги одолговлекува поправките, што беше негирано од украинските власти. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, стави вето на двегодишниот заем на ЕУ за Украина, независно што тој веќе беше одобрен од Европскиот совет, што предизвика незадоволство кај повеќе членки на Унијата.

Орбан ги загуби изборите на 12 април, отворајќи пат за деескалација на кризата.

Зеленски, кој претходно најави дека нафтоводот ќе биде повторно пуштен во употреба до крајот на април, вчера соопшти дека поправките се завршени и дека системот е подготвен за рестартирање.

Во вечерното видеообраќање, украинскиот лидер ги повика претставниците во Брисел да обезбедат исплата на предвидените средства.

„Нема повеќе основа за блокирање на заемот“, рече Зеленски.

„Европската унија побара од Украина да го поправи нафтоводот ‘Дружба’, штој беше оштетен од Русите. Ние го поправивме. Очекуваме и Европската унија да го спроведе договореното“, додаде тој.