Од ударите паднал во кома, а потоа починал – поднесено обвинение за убиството на ракометарот Денис Тот


Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека денеска поднело обвинение против три лица за убиство на ракометарот Денис Тот.

– По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението на ОЈО – Скопје.

Како што се наведува во соопштението, согласно актот обвинетите се товарат дека на 7 април пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се додава во соопштението.

Од скопското ОЈО информираат и дека надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи се уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата.