Од Тина Тарнер до Џеј-Зи: Рокенрол холот на славните во Кливленд славеше за новите членови


САД- Тејлор Свифт ѝ отпеа серенада на Керол Кинг, поранешниот американски претседател Барак Обама го пофали раперот Џеј Зи, а Пол Макартни им оддаде почит на Фу Фајтерс викендов на церемонијата за воведување во Рокенрол холот на славните, на која и беше оддадена чест на Тина Тарнер и  на The Go-Gos.

Обама, говорејќи преку видео, го нарече 23-кратниот добитник на Греми Џеј Зи „олицетворение на американскиот сон“ поради неговиот подем од сиромашно њујоршко соседство во милијардер текстописец, извршен директор и бизнисмен.

51-годишниот Џеј Зи изгледаше презадоволен од почитта, во која беше вклучен и  комичарот Дејв Шапел.

“Тоа е многу.  Се обидувате да ме расплакате пред сите овие бели луѓе!” се пошегува тој. „Додека растевме не мислевме дека можеме да бидеме примени во Куќата на славните на рокенролот. Ни беше кажано дека хип-хопот не е во мода“, изјави сопругот на Бијонсе.

Свифт го отвори шоуто со поп-верзијата на „Will You Love Me Tomorrow“ додека Џенифер Хадсон ја пееше „A Natural Woman“ во чест на пејачката и текстописец Керол Кинг (79).

Церемонијата во Кливленд, Охајо, беше преполна со ѕвезди од А-листата, вклучувајќи ги д-р Дре, Еминем, Џенифер Лопез, Лајонел Ричи и Кит Урбан.

Кристина Агилера испеа микс од најголемите хитови на Тарнер. Пејачката на „Simply the Best“, која сега живее тивко во Швајцарија, не можеше да присуствува на саботната церемонија, но испрати благодарност преку видео.

„Ако сè уште ми даваат награди на 81 година, сигурно правам нешто како што треба“, рече Тарнер.

Тарнер првпат ја доби оваа чест во 1991 година со нејзиниот поранешен сопруг Ајк Тарнер, но во саботата таа беше прославена за нејзината уште поголема соло кариера во 1980-тите и 1990-тите.

Кинг и Дејв Грол исто така беа два пати почестени. Кинг претходно беше примена со  Гери Гофин, додека фронтменот на Фу Фајтерс Грол беше член на гранџ-бендот Нирвана кој беше примен во 2014 година.

Беа примени и женски рок бенд од 1980-тите The Go-Gos, раперот LL Cool J, германските електронски пионери Kraftwerk и покојниот Били Престон.

Почестите им оддаваат признание на уметници кои поминале повеќе од 25 години во музичката индустрија. Тие се избрани врз основа на гласачките ливчиња испратени од Холот на славните на рокенролот до повеќе од 1.200 уметници, историчари и членови на музичката индустрија. Гласови обезбедија и членови на јавноста.

Церемонијата во 2021 година ќе се емитува на кабелскиот канал HBO на 20 ноември. (Ројтерс)