Од старлета до адвокат: Ким Кардашијан се разбуди во „Вог“


САД-ТВ-ѕвездата и модна икона Ким Кардашијан-Вест во интервјуто за американскиот „Вог“ откри дека студира за да стане адвокат по кривично право и дека во 2022 година планира да го полага правосудниот испит. Таа минатото лето го почнала четиригодишното стажирање во правна фирма од Лос Анџелес .

Кардашијан се заинтересирала за правните науки откако се обрати на американскиот претседател Доналд Трамп за помилување на Алис Мари Џонсон. Шеесет и три годишната Џонсон беше 20 години зад решетки и беше осудена на доживотен затвор поради организирање на трговија со дрога.

Старлетата која со семејството го има најгледаното реално шоу во Америка, не успеа да го заврши Универзитетот „Пирс“ во Калифорнија, од кој се отпиша. Но, во неколку држави, вклучувајќи ја Калифорнија, можно е да се добие диплома за адвокат по четиригодишно стажирање во адвокатска фирма и положен испит.

Кардашијан позира сама на насловницата на мајското издание на „Вог“. Во „мокро“ издание со транспарентна плетена маичка од колекцијата на Шанел и златно ланче.

На дел од фотографиите можеме да ги видиме и нејзините три деца во домашно издание.

Насловот на фотосесијата и интервјуто гласи „Будењето на Ким Кардашијан“.

Фотосесијата е направена во нејзиниот дом, а таа носи парчиња од Шанел и Брендон Максвел.

„Сонував за овој момент долго време, многумина ми рекоа дека нема никогаш да се случи. Не мoжам да ви објаснам колкава е честа што прв пат сама се појавувам на насловна на „Вог“, напиша таа на Твитер.

По свадбата со музичарот Кање Вест, двојката позираше за „Вог“.