Од среда се забранува шетање без маска во Куманово, Прилеп и Тетово


Фото: Б. Грданоски

Владата на денешната седница донесе одлука од 22 април населението на Куманово, Тетово и Прилеп задолжително да носи маски (или марами). За оние што нема да ги носат ќе им биде забрането движењето надвор од нивните домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.

За оваа цел, се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.

Со цел поголемо почитување на мерките и намалување на потребата од воведување нови рестрикции, на оваа седница Владата го задолжи Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и висината на истите, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, мерките и препораки на Владата на Република Северна Македонија кои се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица (за групирање над 5 лица да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност) и за непочитување на минимум потребното растојание од два метри и неносење на заштитна опрема.

Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.