Од следната недела урбанизација според нов Правилник

Изготвен е Правилникот за урбанистичко планирање и ќе биде ставен во функција идната недела. Со тоа се овозможува примена на новиот Закон за урбанистичко и просторно планирање, изгласан лани во декември, а којшто треба да го унапреди планирањето на просторот и да го поттикне градежништвото.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ги претстави новините за Правилникот на средба со деканот и професори од Архитектонскиот факултет, како и со претставници на Комората на овластени инженери и архитекти и на Асоцијацијата на архитекти.

Правилникот ги утврдува стандардите и нормативите за урбанистичко планирање со кој се обезбедува рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот преку ефикасно зачувување на просторните ресурси, се создава унапредување на условите за хумано живеење, се сочувува квалитетот и се унапредува животната средина како и недвижното културно наследство.

Според Бочварски, со новиот Правилник се обезбедува создавање и на ефикасни инфраструктурни мрежи. Реформата во урбанизацијта на просторот, оценува, е клучна за развојот на општините и генерално за државата и токму со ставање во функција на овој Правилник за урбанистичко планирање ќе овозможиме ефикасно и рационално уредување на просторот со запазување на сите стандарди.

– Верувам дека општините со нетрпение го очекуваат Правилникот за да може да започнат со урбанизација на нивните општини според новиот Закон за урбанистичко планирање кој е креиран да обезбеди голема транспарентност и учество на сите засегнати страни во процесот од планирање па се до носење на плановите. Заради тоа денеска остварив средба со претсавници на дел од институции кои партиципираа во изготвување на Законот и Правилникот, го презентирав и најавив дека веќе од идната недела ќе го ставиме во функција. Очекувам дека реформата во градежништвото и урбанизацијата ќе даде позитивни резултати за развој на целокупното општество, изјави Бочварски.

Од Министерството за транспорт и врски информират дека Законот за урбанистичко планирање е прв од реформските закони што се започнати во делот на земјишната политика, а со кои целта е да се унапреди планирањето на просторот и да се поттикне градежништвото.

Со овој Закон се воспоставени нови правила на вклученост, транспарентност, стручност и отчетност на сите чинители во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, пракса која првпат се јавува во оваа дејност и е единствена опција за решавање на состојбите во урбанизмот.

Во изработката на Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање беа вклучени сите надлежни институции, асоцијации, комори и граѓански здруженија. Од ресорното Министерство потенцираат дека до нив може да се обратат сите заинтересирани страни со цел запознавање со Законот и Правилникот.