Од Скопскиот аеродром ќе се лета и до Осло, Луксембург и Љубљана, а од Охрид до Манчестер и Гетвик


Фото: Б. Грданоски

Авиокомпанијата „Виз ер“ најави шести воздухоплов во базата во Скопје.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт на денешната прес-конференција изјави дека со новиот воздухоплов ќе се придонесе за зголемување на операциите на скопскиот аеродром, покрај тековните фреквенции на дестинациите што ги оперира „Виз ер“, ќе придонесе и за нови дестинации што ќе бидат воведени во иднина.

– Како што досега сте запознаени, од неодамна почна да оперира компанијата „Луфтханза“ до Франкфурт, од 12 мај почна „Кроација ерлаин“ со до Сплит, а во јуни планираме воведување на нова авиолинија со „Норвежијан ерлаинс“ до Осло, „Виз ер“ авиокомпанијата, како што најавија, ќе воведе две нови линии во септември и во декември, до Љубљана и до Луксембург. Тоа се новините засега од Скопскиот аеродром. Што се однесува за аеродромот во Охрид, наскоро ги очекуваме првите летови од Манчестер и од Гетвик, потоа имаме најава за почеток на авиолинијата на „Ер Србија“ на релација Охрид – Белград и со тоа, патниците коишто досега доаѓаа со автобус во Охрид, сега можат да си го испланираат патувањето по воздушен пат. Се радуваме на сето ова, одговори тој на прашање колку нови дестинации ќе има до крајот на годината.

На прашање за повторно воведување на релацијата Скопје – Барселона, тој нагласи дека постојано работат на тоа.