Од што ме спомнува Мицкоски не престанав да икам и ушите ми се црвени, им рече Заев на прилепчани


Лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва во Прилеп се пошегува дека не престанал да ика, а понекогаш и ушите му се црвени поради тоа што неговиот главен политички соперник, Христијан Мицкоски, постојано му го споменувал името.

„Човекот цело време не ме вади од уста, Зоран Заев, Зоран Заев, постојано зборува насекаде. Преокупацијата во целата оваа кампања му е Зоран Заев, никако да престанам да икам од тоа што цело време името ми го спомнува. Понекогаш и ушите ми се зацрвенуваат“, рече Заев, додавајќи дека кампањата наскоро ќе заврши, а народот ќе го каже своето на самиот изборен ден.

„Во оваа наша мала земја народот знае се, луѓето чекаат да дојдат зад параванот и да ни кажат колку знаат. Секогаш почитувале успеси и секогаш казнувале неуспеси“, рече Заев.

Тој на прилепчани им зборуваше и за тоа колку имаат заеднички работи со струмичани, како културни манифестации, земјоделството, но, како што кажа и многу струмичанки кои се мажени за прилепчани и прилепчанки мажени за струмичани, а има и по некој домазет.

„Имаме и еден зет струмички што се вика Христијан Мицкоски – душата му се кине секогаш кога ќе дојде во Струмица и кога ги гледа сите капитални дела што ги направила општината и Република Северна Македонија под раководство на Зоран Заев“, рече лидерот на СДСМ, продолжувајќи во ист стил за Мицкоски дека „кога заминува од Струмица и се враќа во белата палата му се кине и душата за членството во НАТО и за тоа што ја остваривме и втората стратешка цел – добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ“.

Заев целиот воведен дел зборуваше за опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиниот претседател, при што ги нарече „лажни патриоти“, порачувајќи им на прилепчани никогаш повеќе да не дозволат да бидат излажани.

„Единаесет години ја клекнаа Македонија на колена, украда милијарди евра, не скараа со сите, не делеа на човечиња и индијанци, се закануваа на компании, трошеа пари за глупости, што ќе кажеше фирерот одозгора, така беше“, рече Заев.

Тој исто така се осврна и на делот од говорот на Мицкоски пред прилепчани за манастирот Трескавец.
„Името му е Христијан, по вероисповест е христијанин, води демохристијанска партија… И дојде нејкни во Прилеп и зборува за Трескавец што е на 10 километри од тука. Притоа верникот, христијанинот, демохристијанинот што води демохристијанска партија, Христијан му е името, излажа за сите пари. Владата има вложено во Трескавец 120 милиони денари и се е направено од камен и од дрво. Кажа Трескавец и тресна од земја, веднаш го демантираа луѓето од Министерството за култура“, рече Заев.

Зборувајќи за патриотизмот и за националните чувства, Заев им рече на прилепчани да си го сакаат ВМРО бидејќи „тоа е мое и ваше, но ДПМНЕ никогаш, затоа што нема ништо од Д – демократијата во партијата, нема ништо од Е – единството македонско национално, само за пари, власт и моќ се бираат, ништо друго не ги интересира“.

Се осврна и на идеологот и таткото на македонскиот јазик и литература Блаже Конески.

„Го нарекоа Блаже Конески „џуџето од Небрегово“, а денес поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас ги цитира директно стиховите од нашиот поет и нашиот литературен творец Блаже Конески. Истовремено доаѓаат и се чаталат со лажен патриотизам, а се уште шират национализам. Нема што понудат и постојано лажат и за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик“, рече Заев додавајќи дека бил и во Варош, каде што се родени легендите, за кои, како што кажа „сите знаеме кој ги предал и кој ги убил“.

„Зошто го пеат и го слават Тодор Александров? Тој е предавникот на нашите војсководци. Денес го препеваат во песните, споменици му градат нему и на други убијци на браќа Македонци“, рече Заев на партискиот собир во Прилеп, порачувајќи дека треба да бидеме горди затоа што создадовме држава призната од целиот свет и која, како што кажа „не е северна Тунгузија, туку е Северна Македонија и друга Македонија нема во светот како држава“.