Од шпион до врвен дипломат: Кој е Хакан Фидан, новиот министер за надворешни работи на Турција

Хакан Фидан беше 13 години шеф на турската разузнавачка генција и еден од најдоверливите соработници и советници на Ердоган


Хакан Фидан

 

По победата на претседателските избори, за која за прв пат требаше да се бори во вториот круг, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веројатно реши дека треба да ги обликува контруите на неговото наследство, затоа што за пет години ќе му заврши мандатот. Во тој „проект“ Ердоган направи големи измени во составот на новата влада. Две од нив се клучни за иднината на претседателствувањето на Ердоган – враќањето на познатиот економист Мехмет Шимшек во владата на местото министер за финансии и именувањето на новиот шеф на дипломатијата, Хакан Фидан.

За Шимшек се знаат многу работи – дека беше шест години министер во критичното време на финансиската криза, дека направи големи реформи во економијата на Турција и ја постави на патот на растот. Сега треба да ја најде формулата како турската економија да ја скроти огромната инфлација и даја врати довербата на финансиските пазари. Хакан Фидан (54), барем за надворешните набљудувачи, е голема непознатица. Од 2010 година беше директор на Националната разузнавачка агенција (МИТ) на Турција, човек од голема доверба на Ердоган, особено во времето кога требаше да се расчистуваат елементите на Фетула Ѓулен во сите сфери на турското општество по неуспешниот државен удар во 2016.

Фидан нема дадено ниту едно интервју за 13-те години кога беше шеф на турските шпиони; изгледа дека дејствувал само од сенките на политиката, но не е така. Неговата улога, и покрај разузнавачкото педигре, беше да учествува во конципирање на турската надворешна политика на досегашниот министер Мевлут Чавушоглу, кој беше на чело на ресорот од 2015, и да биде дел од многу клучни посети на Вашингтон и Москва.

На цеременонијата на преземањето на должноста на 3 јуни Фидан изјави: „Ќе продолжувам да ја спроведувам визијата за национална надворешна политика базирана на нашата државна независност и нашиот државен суверенетитет“.

И Чавушоглу ја спроведуваше таа државна политика, но неговиот хендикеп беше што не припаѓаше на внатрешниот круг на Ердоган, а Фидан беше еден од најдоверливите соработници и советници.

Хакан Фидан, чиј татко е етнички Курд, ја почна својата кариера во турската армија и службуваше во Силите за брза реакција на НАТО во Германија пред да се врати во Турција и да стане советник на Ердоган уште во 2003 кога тој стана премиер.

Фидан беше специјалниот пратеник на Ердоган во сега веќе угаснатиот мировен процес меѓу забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и турската влада. Заедно со неговиот претходник во МИТ, Емре Танер, и други разузнавачки службеници, Фидан учествуваше во разговорите со лидерите на ПКК во 2009 година. Мировните разговори што траеја од 2008 до 2015 година со цел да се најде решение со преговори за деценискиот курдски проблем во земјата со разоружување на групата во нејзината борба против турската држава за самоуправа завршија неуспешно и ПКК ги продолжи своите борбени дејства против турската држава.

Ова учество во мировните разговори беѓше причина што во 2012 година турски обвинител ги повика Фидан и други високи разузнавачи на сослушување, обвинувајќи ги за „терористички“ врски поради нивната улога во разговорите со ПКК. Фидан и другите разузнавачи одбија да ги послушаат повиците во согласност со упатствата на Ердоган. По ќор-сокакот, владејачката партија на Ердоган усвои предлог-закон со кој на тајното тело му се додели правен штит и ја прошири неговата моќ.

Обвинителот кој ги повика Фидан и неговите колеги подоцна беше осуден за врски со движењето Ѓулен по обидот за пуч во 2016 година.

Разузнавачката агенција под раководство на Фидан стана дипломатски канал за многу комуникации кои не беа можно јавно да се објавуваат во одредено време, како оние меѓу Турција и Израел. Или меѓу Турција и Сирија. Тој беше и еден од архитектите на турската вмешаност во граѓанската војна во Либија, настојувајќи од тоа да се извлечат придобивки за Анкара.

Како шеф на разузнавањето, Фидан многу патуваше низ Блискиот Исток, Европа, Африка и Русија, стекнувајќи повеќе увид и контакти. Сега, како министер за надворешни работи, неговото докажано искуство и досие може целосно да се реализираат, со импликации за сите аспекти на турската надворешна политика, од руско-украинскиот конфликт до тековните проблеми меѓу САД и Кина. Улогата на Турција е особено чувствителна по руската агресија на Украина и успешните преговори со посредство на ОН за извозот на украинското жито. Првиот голем испит на Хакан Фидан ќе биде како Турција ќе опстане и натаму на ветото за членството на Шведска во НАТО, кога притисоците од сите страни, особено од Вашингтон, максимално се зголемуваат.

Наследник на Кахан Фидан во МИТ е еден од највидливите луѓе во владата на Ердоган – Ибрахим Калин. Тој беше портпарол на Ердоган и главен советник за надворешна политика.