Од септември болниците ќе работат редовно, ќе се влегува 15 минути пред закажан термин

Фото: Б. Грданоски

Покрај тоа што во овој момент состојбата со епидемијата на Ковид-19 во државава е стабилна, интензивно се подготвуваме за есенските месеци кога претпоставуваме, а претпоставуваат и многу други земји во регионот и во Европа, и на северната хемисфера, дека ситуацијата може да се комплицира, заради тоа што е вообичаена сезона на респираторни заболувања, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека уште на почетокот на летото почнале со зајакнување и надградба на капацитетите за третман на пациенти заболени од Ковид-19, како дополнување на монтажната болница до Инфективната клиника која има 70-тина кревети и во овој момент е целосно празна, но во исто време и целосно подготвена и со централен довод на кислород да прими пациенти.

Уште еден монтажен објект, потенцира министерот, се постави до Клиниката за пулмологија и алергологија, како мини тријажен центар и по овој модел поставуваме уште 16 регионални мини инфективни одделенија во Гевгелија, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен.

– Во овој момент проектната единица на Светската банка, која е во рамките на Министерството за труд и социјална политика со нашите експерти работат на подготвителните постапки за почеток на овој процес. Овие ќе ги наречеме Ковид центри, ќе се поставуваат во непосредна близина до болниците, за да бидат физички лесно достапни за кадарот, но и пациентите да бидат целосно одделени и болниците да останат целосно чисти за да можат и другите пациенти да добијат здравствена услуга без одлагање. При зголемувањето на капацитетите ги имаме во предвид и тековните медицински програми, додаде Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Исто така, Филипче најави дека се подготвуваатсите болници од септември да почнат со редовна работа, да се примаат пациенти со други заболувања, за прегледи и за операции, за да се направи се она што поради пандемијата беше одложено.

Тој рече дека направени се и протоколи за влегување во болниците, со задолжителна маска, а еден пацинет ќе може да влезе на одделението 15 минути пред закажаниот термин, со само еден придружник.