Од сабота во Грција дозволено движење само од шест есенцијални причини и само со испратена смс порака


Дозволено движење за граѓаните само со испратена смс порака, затворени продавници, кафулиња, угостителски објекти, затворени средни училишта и универзитети, затворени фризерски и козметичките салони, фитнес центри, кина, музеи, театри, ноќни клубови, кафулиња, угостителските објекти, забрана за патување меѓу општини, се дел од мерките што од сабота наутро стапуваат во сила во Грција, а детално попладнево ги објасни заменик-министерот за цивилна заштита на Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјата задутре влегува во втор карантин, а за разлика од првиот, сега маската е задолжителна при секое излегување, додека пак овој пат, отворени ќе бидат градинките и основните училишта.

Средношколците ќе следат онлајн настава, а истото важи и за предавањата за студентите.

Освен основите училишта, отворени ќе бидат супермаркетите, продавниците за храна, фурните, месарниците, пет шоповите, аптеките, бензинските станици, додека пак сѐ останато ќе стави „клуч на врата“.

Мал исклучок ќе се направи во однос на фризерските и козметичките салони и берберниците, кои ќе можат да работат и за време на претстојниот викенд, а за нив, карантинот да започне од понеделник.

Исто како и за време на карантинот во март и април, дозволено е излегување од дома само од шест причини: здравствени, односно за посета на лекар; посета на супермаркет или продавница за храна; посета на банка или јавна служба (кога не е можно барањата да се извршат електронски), посета на лице на кое му треба помош или грижа; присуство на погреб и физичка активност (индивидуално или по две лица) или прошетка на милениче.

За секоја од овие причини, постои специјален код и при секое излегувања, потребно ќе биде граѓаните да испратат смс порака, да пополнат формулар или своерачно да потпишат изјава.

Посебни потврди има за вработените, како и за родителите на учениците од основните училиште.

За приватниот сектор, задолжително е 50 отсто работа на далечина.

Во однос на патувањата, од понеделник за влез во Грција потребен е негативен тест направен 48 часа пред пристигнувањето, доколку е авионско, а за влез преку копнените граници тестот треба да биде до 72 часа .

Авионскиот превоз во внатрешноста на земјата е дозволен само за враќање во местото на постојано живеење, спојување со семејството, од здравствени или професионални причини, а забрането е патувања меѓу регионите во Грција.

Во такси возилата и автомобилите дозволен е само еден патник (освен во случај кога станува збор за членови на семејство).

Непречено ќе биде учеството на грчките екипи во европските натпреварувања во кошарка и фудбал.

Од сабота наутро, како што денеска соопшти грчкиот премиер, во Грција се воведува целосен карантин во траење од три седмици, заклучно со 30 ноември.