Од први октомври лекови само со лична карта, квотите се укинуваат


Од 1 октомври годинава, при препишување на лек кај лекар и при подигање на лекот во аптека, здравствените осигуреници ќе треба да покажат лична карта или пасош за идентификација, најави Фондот за здравствено осигурување, а квотите нема да бидат ограничени.

До 30 септември пак важат досегашните правила, односно секој може да си го подигне лекот од аптека, како што гласи рецептот.

Матичниот лекар при пишување на рецептите ќе треба дополнително да го внесе бројот на личната карта или пасошот.

Со воведување на лична идентификација преку приложување лична карта или пасош, не значи дека друг нема да може да го подигне лекот во име на пациентот, појасни дирекоторот на ФЗО Ден Дончев на брифинг со новинарите.

Потребно е оној кој го подига лекот да ја приложи својата лична карта, а системот ќе евидентира кој го зел лекот и во чие име. Ова според дирекоторт Дончев се прави за да се има контрола дали препишаните лекови заминуваат во рацете на пациентите на кои им се потребни. За децата, лековите ќе ги подигаат родителите.

Минатиот месец, квотите на аптеките беа укинати во туристичките места Охрид, Струга, Дојран, Гевгелија и Ресен. Министерот за здравство Венко Филипче тогаш појасни дека во овие места квотите побрзо се трошат, бидејќи има граѓани кои таму одат на подолготраен престој за време на летните одмори, па лековите се трошат.

Директорот Дончев најави дека за околу шест месеци од октомври натаму, предвидуваат хартиените рецепти да заминат во историјата, а да се воведат е-рецепти. Имено, електронски препишаниот рецепт влегува во системот и при негово подигање од секоја аптека ќе има пристап до него. По воведувањето на е-рецептот, исто така, друго лице ќе може да го подигне лекот за пациент кој не е во можност да појде до аптека, но покрај тоа што ќе го приложи својот документ за лична идентификација, ќе треба и да го каже бројот на личната карта на пациентот во чие име се подига лекот.

– Воведуваме систем на скенери што ќе ги скенираат податоците од соодветните документи за легитимација. Воведуваме евиденција во реално време за издадени рецепти по број на документ и евиденција во реално време за подигнати рецепти од аптеки, повторно по број на личен документ. Воведуваме систем на т.н. црвени знамиња за контролно реално време каде ќе реагираме агилно и брзо доколку се утврди дека одредени лекари препишуваат повеќе рецепти од дефинираните норми, појасни Дончев.

Секоја аптека ќе мора да има скенер со кој ќе се проверува валидноста на личната карта, што чини околу 300 евра по скенер, а аптеките ќе ги набават на товар на фондот. ФЗОМ има договор за соработка со 778 аптеки.

На новинарско прашање дали лекарите и аптекарите имаат право да бараат лична карта од пациентите, Дончев вели дека прашале во Дирекцијата за заштита на лични податоци, од каде им рекле дека нема ништо спорно.

Овој систем досега се применувал во Шведска и наскоро ќе биде официјално промовиран. Од ФЗОМ најавуваат и кампања за информирање на граѓаните.(Б.Б.)