Од Пријанка Чопра до Меган Рапино: „Викторијас сикрет“ ги замени ангелите со успешни жени


САД- Брендот за долна облека, „Викторијас сикрет“ вчера најави нов правец во рекламирањето, со нови лица како „ангели на Викторија“. Една од нив е ѕвездата на американскиот национален фудбалски тим, Меган Рапино.

Мартин Вотерс е новиот одговорен шеф за меѓународниот пазар на „Викторија’с сикрет“, кој беше назначен за главен извршен директор во февруари. Како што тој изјави за „Њујорк тајмс“, тоа е промена што долго време се очекувала.

– Кога светот се менуваше, ние одговоривме премногу бавно, рече Мартин Вотерс. „Треба да престанеме да се занимаваме со тоа – што сакаат мажите и да се позанимаваме со она што го сакаат жените“.

Вотерс додаде и дека некои од познатите „ангели на Викторија“ – веројатно најпрепознатливата група супермоделки во светот, ќе бидат исфрлени, велејќи дека не ги смета за „културолошки релевантни“… Или, како што Рапино еднаш кажа за минатата маркетинг-стратегија на брендот, дека е „патријархална, штетна и сексистичка“.

Покрај Рапино, меѓу новите имиња се и глумицата Пријанка Чопра – Џонас,  јужносуданскиот-австралиски модел Адут Акеч, фотографката Аманда де Каденет, кинеската скијачка Ајлин Гу, британскиот модел и активист за тело Палома Елсесер и бразилската манекенка Валентина Сампајо, која се најде на насловните страници во 2019 година, бидејќи наводно станала првиот трансродов модел на Викторијас Сикрет.