Од претресите во Скопје и скопско, приведени двајца нарко дилери, пронајден кокаин и марихуана


Две лица се приведени, по едно се трага, а запленети се повеќе килограми марихуана и полиетиленски пакувања кокаин по вчерашната акција на МВР во повеќе локации во Скопје во Арачинови и Радуша.

Од МВР соопштија дека врз основа на наредби од судија на претходна постапка полицијата извршила претреси на шест локации во Скопје, Арачиново и Радуша, при што се пронајдени повеќе килограми наркотична дрога марихуана и повеќе полиетиленски пакувања со кокаин, како и ваги и други предмети од кривични дела. Приведени се Ш.И.(36) и Ј.Х. (21), а се трага по С.И.(30).

-До Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава против три лица Ш.И.(36), С.И.((30) и Ј.Х.(21) поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, а од Судија на претходна постапка им е одреден притвор, се наведува во соопштението.

Вчерашната акција е дел од повеќемесечна криминалистичка истрага, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единицата за недозволена трговија со дрога во која е разбиена криминална група на подрачјето на Скопје.
 
– Лицата подолг период вршеле продажба на наркотични дроги марихуана и кокаин, за што од страна на ЕНТД при ОСОСК се обезбедени материјални докази. Во текот на целата истрага вкупно се приведени 13 лица кај кои се пронајдени кокаин и марихуана, информираат од МВР.