Од понеделник во Скопје издавање лични карти во надлежни полициски станици, според место на живеење

Секој граѓанин ќе може да пристапи во кој било период од денот, секој ден од неделата, со цел да си ја подигне готовата лична карта.


 Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека почнува со нов начин на издавање лични карти за жителите на Скопје.

– Анализата на успешноста на доставата на лични карти на домашна адреса на граѓаните на територија на Град Скопје доведе до заклучок дека е нецелосна, несеопфатна и недоволно ефикасна, а истовремено го нема посакуваниот ефект и кај граѓаните и кај полициските службеници кои беа задолжени за достава, стои во соопштението. 

МВР информира дека од понеделник, 11 март 2024 година, почнува нов процес за издавање лични карти во просториите на месно надлежните полициските станици, според место на живеење на граѓанинот наведено во личната карта.

Секој граѓанин ќе може да пристапи во кој било период од денот, секој ден од неделата, со цел да си ја подигне готовата лична карта. 

Претходно, од 1 февруари МВР воведе систем за достава на личните карти и возачките дозволи на врата, но само за Скопје

Полициските службеници од станицата на местото на живеење на граѓанинот кој треба да го добие документот неколкупати доаѓаат на домашна адреса да го пронајдат лицето и доколку во рок од 7 дена не се пронајде лицето, тогаш се враќа документот во МРТВ и оттаму ќе можат да го подигнат граѓаните.

Како што појаснуваа од МВР, најчесто успеваа да ги пронајдат граѓаните затоа што полицајците одеа еднаш од сабајле, еднаш попладне, бидејќи сите имаат различно работно време.