Од понеделник учениците и децата ќе учат преку МРТВ

Основците и децата на претшколска возраст од понеделник ќе имаат можност да следат едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТВ, изведени од наставните програми по кои тие во моментов се едуцираат во училиштата и градинките, кои пак, се привремено затворени со одлука на Владата како дел од мерките за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширењето на коронавирусот.

Како што соопшти Министерството за образовани и наука (МОН), ова е решението кое произлезе од денешниот состанок во МОН на кој присуствуваа претставници на неколку институции од областа на образованието, УНИЦЕФ, претставници на граѓански организации и претставници од менаџментот на Македонската радио телевизија, а кој беше организиран согласно заклучок на Владата да се изнајде алтернативен начин за едукацијата на децата да продолжи во и периодот додека формалниот воспитно – образовен процес е привремено прекинат.

– Почнувајќи од понеделник на трите канали на МРТВ во соодветни термини во текот на денот за кои јавноста ќе биде информирана во најкус можен рок, наставници од основните училишта ќе реализираат скратени училишни часови на сите јазици на кои наставата се организира во училиштата во земјата. Оваа неформална едукација преку таканаречена ТВ училница ќе се реализира сé до повторното отворање на училиштата и градинките и нормално продолжување на формалниот воспитно – образовен процес на учениците и децата од претшколска возраст. Посебна работна група е задолжена и веќе го реализира планот за успешен почеток и тек на спроведување на иницијативата, се вели во соопштението од МОН.

Министерство за образование и наука информира дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период.

Министерството за образование и наука апелира до наставниците да покажат интерес и волонтерски да се приклучат во реализацијата на оваа иницијатива.