Од понеделник сите пријавени ќе добијат термин за вакцинација


Фото: Б. Грданоски
 

Почнувајќи од понеделник, сите граѓани коишто се пријавиле за вакцина ќе добијат термин за имунизација, рече министерот за здравство Венко Филипче во одговор на новинарско прашање.

„Без разлика кога се пријавиле, почнувајќи од понеделник, односно вторник, по системот највозрасни, па помлади граѓани, сите ќе добијат термин во период од следните две недели“, рече министерот Филипче.

Сто илјади вакцини од производителот „Фајзер“ кои стасуваат денеска попладне ќе бидат распределени во големите центри за имунизација и тоа во 8 центри во земјата каде што има фрижидери за нивно чување. Кинеските вакцини на „Синовак“ ќе ги има и во големите и во малите центри за имунизација.

Филипче најави дека се подготвува системот и за теренска вакцинација.Во однос на понудата за вакцини од Словачка министерот објасни дека сега имаме доволно вакцини.

– Ако стигне некоја количина вакцини и има ризик после да истече рокот, таа после треба да се уништи – додаде тој.

Вакцинирањето на наставниците засега нема да биде задолжително, но граѓаните треба да бидат свесни за важноста на вакцинацијата, нагласи Филипче одговарајќи на новинарско прашање.