Oд понеделник, официјално, почнува изборната кампања, неофицијално, таа е во полн ек


Додека во ДИК течат подготовките за претстојните избори, од понеделник партиите ја почнуваат изборната кампања која ќе трае до 15 октомври. Во овој период тие пред граѓаните ќе ја претстават својата изборна програма за следните четири години.

Кампањата, неофицијално, е во полн ек – партиите, како оние од власта, така и од опозицијата, преку различни активности настојуваат да ги придобијат гласачите. Изборниот законик предвидува дека во предизборниот период не смее да се започне со изградба на објекти, како на пример од инфраструктурата, доколку за тоа преходно не се предвидени и обезбедени средства и не се планирани. активности откако изборите се веќе распишани. Според законикот, 20 дена пред почетокот на кампањата до крајот на изборите е забрането да се почнува со изградба на објекти или тие да се пуштаат во употреба. Сепак, како што велат од политичките апртии, увидот терен не е забранет, ниту пак, разни трибини, средби со граѓаните и тн.

Тензично е и во Собранието – колку повеќе се наближуваат деновите до почетокот на изборната кампања, која треба да започне на 27 октомври, толку повеќе се вжештува атмосферата во Собранието. Додека трае кампањата, како што неодамна најави претседателот на Собранието, Талат Џафери, парламентот нема да заседава, освен доколку има потреба од итна седница, е со цел законодавниот дом да не се користи како изборна арена.

Во меѓувреме, опозицијата го блокира донесувањето на повеќе закони кои се од значење за партиите на власт, било со долги процедурални забелешки, или со одложување на расправата по законските решенија предложени од владејачкото мнозинство во некоја од матичните собраниски комисии, кои ги водат од опозициските партии.

Така, со разни парламентарни тактики, преку процедурални забелешки или жестока дебата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваат на Комисијата за труд и социјална комисија да започне амандманската расправа за некои законски решенија, како на пример за недела неработен ден, односно да се усвои дневниот ред на кој прва точка беше Законот за работни односи, во кој е предвидено од 1 октомври недела да се прогласи за неработен ден.

Инаку, откако Државната изборна комисија (ДИК) го утврди редоследот на учесниците на локалните избори на гласачкото ливче, најдоцна до четврток (23 септември) на полноќ треба да биде објавена Единствената листа на кандидати.

Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден вчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со Ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции и за првпат на овие избори има голем дел независни кандидати.

Во Роковникот на ДИК предвидени се и термини до кога можат да настане промена на утврдената листа на кандидати во случај доколку некој почине од кандидатите за советници или градоначалник.

Во тек се и останатите подготовки за претстојните локални избори.

За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог“ се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.

Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври.

Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, согласно Роковникот на ДИК, треба да биде заклучен во петок, на 24 септември, а една недела подоцна, на 1 октомври да биде потпишан.

Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Поради Ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и оние кои се во самоизолација.