Од понеделник може да се вакцинираат и деца од 12 до 16 години со „Фајзер“


Фото: Б. Грданоски

Од понеделник, со вакцина против корона вирусот ќе може да се имунизираат и децата од 12 до 16 години – најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Според министерот, вакцинацијата кај децата ќе се одвива со вакцината на „Фајзер“. Ваквата имунизација нема да биде задолжителна, туку родителите со своите деца ќе може да се појават на пунктовите на доброволна основа.

„Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, но ќе се дозволи и вакцинација на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, која во овој момент е единствена вакцина која е дозволено да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца“, објасни Филипче.

Здравствените власти за ова веќе разговарале со членовите на Комитетот за имунизација, а Филипче рече дека нема да има потреба од закажување, единствено потребно е родителите да искомуницираат со медицинските лица на пунктовите.

„На пунктовите во здравствените домови се и педијатрите, значи може да се искористи и нивната експертиза. Родителите треба со децата да дојдат по своја волја, не е задолжително да се вакцинираат. Единствена вакцина која е досега препорачана во внатрешното упатство за деца од 12 години е на „Фајзер““, додаде министерот.

За разлика од децата, сите останати граѓани може да се вакцинираат со која и да е вакцина што им е на располагање, смета Филипче. Тој објасни дека при теренската имунизација ќе се користи вакцината на „Синовак“ бидејќи таа нема потреба да се раствора.