Од погодениот руски брод не остана ништо, само парчиња метал
Откако веќе ги претрпе најголемите загуби од Втората светска војна, руската Црноморска флота загуби уште еден голем брод како резултат на удар на украинските вооружени сили.
Ноќта на вторникот, 26 декември, големиот десантен брод „Новочеркаск“ беше разнесен од украинските воздухопловни сили во пристаништето Феодосија на Крим. Нападот бил извршен со крстосувачки проектили и предизвикал детонација од таква моќност што биле искршени прозорците на станбените згради, а остатоците од бродот биле расфрлани низ градот на оддалеченост од повеќе од половина километар.
Руското Министерство за одбрана го потврди нападот, велејќи дека бродот „е оштетен“. Министерот Сергеј Шојгу му реферирал на претседателот Владимир Путин за тоа што се случило во Феодосија, изјави за Интерфакс портпаролот на шефот на државата Дмитриј Песков. Според него, шефот на државата добил информации за „штетата“ на „Новочеркаск“.
Сликите од заливот каде што беше закотвен бродот, објавени во вторникот попладне, покажаа дека практично ништо не останало од големото пловило од 112 метри, вооружено со фрлачи „Град“ и „Стрела“, освен искривен метал и јагленисан отпад. Z-каналите ја признаа загубата на „Новорчеркаск“, сугерирајќи дека е „закопан“ со британски ракети SCALP-EG (Storm Shadow). „Судејќи според објавената фотографија, „бродот е целосно уништен“, пишува Воен информатор.
Аналитичарот на „Осинт“, Х. Сатон, кој е специјализиран за воени бродови, исто така потврдува: „’Новочеркаск’ веројатно не се поправа, а првичните докази сугерираат дека потонал во пристаништето“.
Големиот брод освен за трупи беше наменет и за превоз на околни возила – тенкови и транспортери.
Изграден во бродоградилиште во Гдањск и пуштен во употреба во 1987 година, „Новочеркаск“ стана четвртиот голем десантен брод што Русија го загуби во Црното Море од почетокот на војната. Пред нападот на украинските вооружени сили, Црноморската флота сè уште имаше шест големи десантни бродови, вклучувајќи го и „Новочеркаск“. Само во последните четири месеци Русија загуби 20 отсто од својата Црноморска флота. Во октомври, во Севастополскиот залив, украински удар ги оштети фрегатата „Адмирал Макаров“ и миноносецот „Иван Голубец“, а во септември заедно со „Минск“ беше уништена и дизел-електричната подморница „Ростов на Дон“.