Од почетокот на војната во Украина во Хрватска пристигнале повеќе Руси отколку украински бегалци


Од почетокот на војната во Украина иницирана од Москва, речиси 50.000 руски граѓани престојувале во Хрватска, а дури и сега, според пресметките, повеќе од 7.000 од нив се во Хрватска, пишува Вечерњи лист.

Бројот на руски државјани е нешто помал во споредба со истиот период лани, но пристигнувањата не само што не запреле, туку се и релативно многубројни. Во сенка на војната во Украина останаа голем број руски туристи кои горе-долу го продолжуваат својот нормален живот, со многубројни патувања, и туристички и приватни.

Од друга страна, овој голем број Руси во Хрватска покажува нешто друго – и покрај тоа што официјална Москва ја прогласува Хрватска за непријателска држава, на „обичните“ Руси не им е грижа и доаѓаат, пишува весникот.

Очигледно само малку им пречи тоа што нема летови од Русија до ниту една дестинација во ЕУ, па доаѓаат со авион или преку Србија или Турција. Може да се каже и дека од почетокот на руската агресија врз Украина, повеќе Руси дојдоа во Хрватска отколку украински бегалци, од кои има околу 20.000.

Весникот нагласува дека Русите – освен оние кои се на црната листа и кои се под санкции на ЕУ – нормално можат да патуваат низ Унијата, за туризам или од некоја друга причина, и да го користат својот имот што го имаат и во Хрватска. Потребна им е валидна виза која ја издаваат сите земји од ЕУ, вклучително и хрватскиот конзулат во Русија.

Како што Хрватска остана дестинација за Русите (иако во помал број) тоа истот се однесува и на туристичките одредишта во другите земји од ЕУ. Како што се дознава, прашањето за руските визи и туристичките посети ќе биде тема на состанокот на министрите за надворешни работи на крајот на овој месец во Чешка, земја која претседава со Советот на ЕУ, пишува „Вечерњи лист“.