Од петок нема гарантирани цени. Дали производителите и трговците ќе уфрлат „во четврта брзина“?

Граѓаните стравуваат дека по шест месеци под мраз цените ќе се катапултираат. Економистите смируваат, од Владата порачуваат: „Ќе казнуваме“


Инфлацијата е смирена, барем засега

 

Лебот, пекарските производи, пилешкото, јунешкото, свинското, млекото, сирењето, јајцата, овошјето, зеленчукот… од петок веќе нема да се продаваат со замрзнати цени, откако Владата одлучи да не ја продолжи мерката со која овие производи од септември лани се нудеа во маркетите со ознаката „гарантирана цена“.

Дали завршувањето на овој речиси шестмесечен период во кој цените на основните производи беа под мраз, ќе значи и нивно повторно катапултирање, односно дека производителите и трговците ќе уфрлат „во четврта брзина“, што повторно ќе ја поттикне инфлацијата, или пак, опасноста од ново ценовно цунами сепак е надмината?

Граѓаните, поучени од искуството, стравуваат од такво сценарио, кое дополнително ќе го осиромаши и онака тенкиот домашен буџет. Од Владата уверуваат дека нема да дозволат такво нешто, иако признаваат дека донесувањето на законот за нефер трговски практики би можел дополнително да влијае врз контролата на неетичко однесување на пазарот.

Економистите не очекуваат дека укинувањето на мерката за контрола на цените ќе доведе до голем скок на инфлацијата. Тоа, како што велат, може да се случи за некои од производите, но сепак, влијанието врз инфлацијата се очекува да биде ограничено.

Како што посочуваат, инфлацијата е резултат на вкупното делување на цените, а не само на некои производи, така што повторување на стапките од преклани кога таа се искачи на 19,8 отсто, не би требало да се случи.

Со ова се согласува и нашиот познат стопанственик, Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи кој вели дека не треба да се очекува некој голем инфлаторен скок, иако кај некои од производите кои беа „под мраз“ не исклучува зголемување на цените.

Но, тој не го дели оптимизмот на Владата дека новиот закон за нефер трговски практики ќе претставува „магично стапче“. Тој вели дека уште во времето на дискусиите околу ова законско решение, реагирал и укажал дека законот би имал поголемо влијание доколку за неговото спроведување, односно контролата му беше доделена на Државниот пазарен инспекторат.

Ангел Димитров

„Вака, како што беше предложено, самите производители ќе треба да ги пријавуваат трговците, што е нелогично, имајќи предвид дека тие зависат од нив. Односно, се ставаат во ризик, доколку пријават, во иднина нивните производи да не бидат нарачувани“, вели Димитров, додавајќи дека и со овој закон може да се повтори приказната на Законот за финансиска дисциплина, кој не ги даде очекуваните ефекти.

Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека нема реални услови за зголемување на цените на производите, имајќи предвид дека се стабилизирани и на глобален и на домашен план, а не е изразен многу и притисокот за пораст на платите. Смирении се и инфлациските очекувања, намалена е и базичната инфлација.

Но, укажува дека определени непазарни ситуации може да влијаат врз однесувањето на бизнисот, како што се изјавите кои подгреваат дека по завршување на мерките ќе има раст на цените на производите, потоа предизборниот период и сл.

Не треба да се стават на страна и определени случувања на глобално ниво, пред се ситуацијата во Црвеното Море која тој ја смета за поголем ризик кој може да влијае глобално, а потоа тоа да се префрли на кај нас. Тука пред се мисли на цената на нафата, чија цена е дури постабилна од она што би можело да се очекува, но не се исклучени изненадувања, што налага и будност од страна на домашните институциии.

Инаку, денес вицепремиерот Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарски прашања рече дека пазарните и трудовите инспектори од задутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираат.

Тој повтори дека замрзнувањето на цените не е мерка што соодветствува со пазарната економија и дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење.

Фатмир Битиќи

„Секако, останува на бизнисмените и тие соодветно да се однесуваат“, рече Битиќи, додавајќи: „Не значи дека ако во Собранието нема разум за носењето на законот за трговски практики, дека ние нема да реагираме“.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера изјави дека нема да продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов, и дека ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, рече Бектеши.

Крешник Бектеши

Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, е доставен во Собранието уште во декември 2023 година.

Со него, како што објаснуваат од Министерството за економија, се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи.

Мерката за замрзнување на цените од септември лани значително влијаеше за паѓање на стапката на инфлација.

Според Државниот завод за статистика, Македонија ја заврши 2023 година со инфлација од 9,4 отсто. Најмногу поскапеле храната, угостителските услуги, мебелот, покуќнината.

Највисока стапка на инфлација имаше во октомври 2022 година кога го достигна пикот од 19,8 отсто. За годинава Владата очекува инфлација од околу 2,5 отсто, додека нешто попесимистични се од Народната банка. Во есенските проекции на НБ се очекува забавување на инфлацијата на ниво од четири отсто, но сето тоа ќе зависи од внатрешните и надворешните фактори.

„Очекувањата се дека стапката на инфлација дополнително ќе забави, сведувајќи се на 3,5 до четири отсто, потоа ќе се стабилизира околу долгорочниот просек од два отсто“, посочија од НБ.

Иако стапката на инфлација во јануари годинава во однос на истиот месец лани се сведе на 3,2 отсто, а цените на мало во истиот период беа поголеми за 2,8 проценти, сепак, тоа за обичните граѓани е мала утеха, бидејќи според анализата на синдикатот, на едно просечно семејство му се потребни речиси илјада евра за задоволување на основните потреби. Како што пресметаа од синдикатот синдикалната минимална кошница е зголемена за 313 денари во однос на јануари кога беше 57.163 денари. Најмногу пари се трошат за храна и за сметки. Само за основните прехранбени производи граѓаните издвојуваат 36, 9 отсто од семејниот буџет, или за храна и пијалоци биле потребни 21.219 денари.

Веќе од петок ќе може да се види дали завршувањето на мерката за гарантирани цени дополнително ќе го зголеми овој трошок.