Од „Охридско лето“ до СВП: 18 национални установи добија делегиран буџет


Делегиран буџет за 18 национални установи е новината во Годишната програма за култура од национален интерес за 2025, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешната прес-конференција во Владата.

Љутков кажа дека тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници. Министерот не знаеше да каже колку вкупно средства тие добиле и рече дека имаат обврска да ги објават сумите .

„Наместо како што беше досега, да добиваат финансии поединечно за проект за која конкурирале по јавниот повик за програми на Министерството за култура, тие  ќе добиваат одредена сума на средства, со кои тие ќе работат во текот на годината. Ќе го добијат буџетот, ќе ги реализираат програмите со кои конкуруирале и на крајот од годината, директорите ќе поднесат извештај што сработиле“, рече министерот за култура и туризам.

 

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2025, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува околу 13 милиони евра (814 милиони денари) и е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од лани.