Од оџак во Лисиче извадени 10 килограми мед – спасено пчелно семејство


Изминатиов викенд во скопско Лисиче се случувала вистинска борба за да се спаси и на сигурно да се дислоцира едно големо семејство пчели. Се започнало кога пчеларот Марјан Станковски добива повик од пријател кој бара од него да даде совет како да се извади еден рој пчели кои се населиле во новоизградена куќа во населбата Лисиче, пишува Скопје Инфо.

– Јас сум искусен пчелар но прв пат добивам вакво барање: Да извадам пчелно семејство од оџак. Навистина беше голем поредизвик за мене, но, веднаш се нафатив да го направам тоа, пред се поради пчелите оти знам дека ако останат тука во текот на зимото ќе изгинат. Едноставно знаев дека морам да ги спасам. До сега сум видел многу чудни места каде матицата по роење, делење од матичниот рој, решава да го направи својот дом. Некогаш тоа го прави на гранки од дрвја, на камења, меѓу карпи и пукнатини, во ѕидови, под стреи или на кровови, но никогаш не сум видел да се вдоми во оџак – раскажува за Скопје Инфо Станковски.

Тој вели дека оџакот не бил користен до сега и дека матицата тука најверојатно е доселена оваа пролет и дека доколку остане зимава нема да може да преживее заедно со своите пчели. За нив сепак е потребно суво и побезбедно место за дом. Домаќинот на куќата неколку пати барал од други лица да ја дислоцираат оваа благородна група сожители но никој не се нафаќал на тоа поради неристапноста на локацијата.

– Сопственикот на куќата сакаше пред се да не се повреди ниедна пчела, а и јас исто така. Матицата да остане здрава и својот живот да го продолжи во пчелин сандак кој веќе го имаше подготвенои за нив беше нашата цел. Кога отидов на местото навистина се изненадив. Во оџакот имаше огромно „гнездо“ пчели. Убаво развиено пчелино семејство кое веќе имаше направено неколку убави парчиња саќе долги по еден метар низ оџакот. Фасцинантно би рекол. Беа полни со мед и подмладок. Вадењето беше тешко, прецизно и многу внимателно. Со неколку импровизирани алатки, како свиткана метална лопатка, мал продолжен нож, почнав да ги вадам питите со мед, внимавајќи на секоја пчела. Матицата ја откривме дури во третото парче восок, за среќа неповредена, ја сместив во новото живеалиште, сандакот за пчели кој веќе беше подготвен за неа и нејзините вредни деца вели Марјан.

За да биде поголема среќата сето ова се случуваше на роденеденот на сопственикот на куќата кој го доби најубавиот подарок до сега.

Марјан вели дека вредните пчели собрале околу 10 килограми мед кој им беше вграден во новиот сандак со цел безбедно да ја поминат предстојната зима. Тој појаснува дека станува збор за автохтоната македонска пчела (Apis mellifera macedonica) која ете напарви среќно едно скопско семејство.