Од незнаење не се користат европските пари


 

Странските инвеститори го пречекаа претседателот Стево Пендаровски со куп забелешки, почнувајќи од недостиг на бизнис-однесување, па сè до нехармонизирано законодавство. На првата средба со Советот на странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија, Пендаровски им вети дека економијата ќе биде негов прв приоритет.

„Има предрасуда дека претседателот нема никаква врска со економијата. Мојата намера е да покажам дека има и дека таа е врвен приоритет за мене. Јас сум прв претседател што има тим од економски советници, кој пред секое одење во билатерална посета во странство има обврска да ги праша еснафските здруженија дали имаат барање во врска со конкретната држава“, посочи Пендаровски најавувајќи ја намерата да испраќа економски профилирани луѓе во амбасадите.

Од инвеститорите побара да алармираат кога нема да бидат консултирани од почетната фаза на промената на регулативата, зашто е значаен нивниот инпут. Во очекување на отворање на пристапните преговори, Пендаровски најави дека ќе инсистира без луѓе од еснафот во тимовите за преговори да не се оди во Брисел, за да не ни се случи да ги повториме грешките на државите кои пред нас влегоа во ЕУ.

„Нема евтини пари за техничко-технолошка надградба, што е основен услов за да бидеме извозно конкурентни. Четвртата фаза на индустријализацијата е почната но ние сме назад. Неопходно е преструктуирање на Банката за поддршка на развојот“, укажа Ирена Јакимоска од „Комфи ејнџел“.

Компаниите имаа забелешки и на неусогласеноста на прописите.

Лидија Нануш од „Дилоит“, член на УО на Советот на странски инвеститори, рече дека за усогласувањето на македонското законодавство со она на ЕУ, има средства од европските фондови, но тие недоволно се користат зашто има проблем со кадри што знаат да изготват неопходна документација. Таа посочи дека компаниите што аплицирале за субвенции за развој имаат проблем со даночниот третман и парите им се сметаат како приходи.

Со овој проблем се соочивме во 2018 година, но немавме време да реагираме. Регулативата за финансиски известувања не е променета од 2009 и не е приспособена со последните стандарди. И странските компании треба трипати да даваат известувања за иста состојба.

„Дали имате комуникација со Владата и министерствата за решавање на овие проблеми?“, ги праша претседателот Пендаровски.

„Имаме воспоставено канали за комуникација, но толку често се менуваат лицата, што постојано губиме време“, одговори Нануш.

Директорот на ОКТА, Јанус Геруланос, рече дека има недостиг на координација и фокус меѓу државните институции и дека се неопходни идеи и визија за надминување на состојбите.

И Штефан Петер, претседателот на Советот на странски инвеститори, се согласи со претседателот Пендаровски дека треба да се искористи пристапувањето кон ЕУ за да се хармонизира законодавството и за либерализации. Нагласи дека за компаниите е важно владеењето на правото, а посочи и дека има проблеми со сивата економија, нелојалната конкуренција, преголемата регулација како и носењето закони без консултација со бизнисот, посебно кај законите со скратена и итна постапка.

Анита Салтировска