Од музика до изложба: Скопје ја одбележува Неделата на италијанскиот јазик во светот

Особено богата и со висок квалитет е низата на културни настани промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје за 21 -то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, која што оваа година го бележи јубилејот седумстотини (700) години од смртта на Данте Алигиери, поетот кој се смета за татко на италијанскиот јазик и на самата идеја за Италија. Настаните ќе бидат од различен карактер, од музика до филм, од книжевна критика до опера, од уметност до дизајн.
Утре (7 октомври), познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, ќе ја изведе симфонијата „Данте“ и Концертот бр. 2 за пијано и оркестар на Франц Лист при Филхармонијата во Скопје, со кој што настан ќе се отвори и сезоната на концерти.
На 18 октомври ќе се случи официјалното отворање на Неделата на италијанскиот јазик во светот со онлајн семинар на познатиот литературен критичар проф. Џулио Ферони од Универзитетот „Ла Сапјенца“ во Рим, добитник на наградата Виареџо 2020, во категоријата есеистика, со делото „Италија на Данте. Патување во земјата на комедијата“.
Вечерта, во Археолошкиот музеј во Скопје, ќе биде инаугурирана изложбата Рафаело. Опера Омнија, на која што ќе може и преку интерактивна инсталација да се разгледуваат делата на еден од најголемите ренесансни сликари на Италија .
На 19 –ти октомври вечерта, во Кинотеката на Република Северна Македонија, ќе биде прикажан филмот „Пеколот“ (1911 год.), во режија на Франческо Бертолини инспириран од илустрациите на Густаво Доре. Единствена можност да се погледне ова ремек -дело на италијанската нема кинематографија. Проекцијата на филмот ќе биде придружувана на пијано од пијанистот Марио Маријани.
На 21 –ви октомври, ќе биде претставен интеркултурен настан организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, насловен „Светот на Данте во колективната меморија – јазични и визуелни аспекти“.
На 22 -ри октомври ќе биде награден победникот на натпреварот за најдобар постер Данте 700, настан организиран од Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје; истиот таков постер визуелно ќе ја претставува оваа Недела на италијанскиот јазик.
На крајот, на 19 ноември, како заокружување на комеморацијата посветена на Данте, во Македонската опера и балет ќе биде изведена светската премиера на операта „ Lapeggiamenti, amenità, querimonie et altri tremendi affetti nella nobilissima Florentia“ (либрето од Клаудио Салтарели и музика од Џо Скетино), во изведба на македонскиот тенор Благој Нацоски и баритонот Џанпјеро Руџери.
Овие различни настани се извонредна можност за љубителите на италијанската уметност и култура. Тие исто така ќе можат да ја искористат и специјалната промоција за купување италијански книжевни дела во многу книжарници во Скопје.
Сите информации во врска со поединечните настани може да се најдат на деталната програма објавена на официјалната интернет страница и на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија.