Од модел за пример Чешка стана најголемо жариште во Европа


Келнер во „Кафе Лувр“ во Прага. Пабовите ќе мора да затвораат во 20 часот за да се спречи ширењето на епидемијата (Фото: ЕПА)

Чесите прогласија победа над вирусот, но од август неговата сила ја погоди драматично. Сега земјата има најголем број заразени во Европа на 100 илјади жители

 

Во Чешка би можела да биде воведено второ заклучување по драматичниот пораст на инфекциите со Ковид-19 што ја претвори во најбрзо растечка епидемија во Европа само неколку месеци откако беше прогласена за една од успешните приказни на континентот во управувањето со пандемијата.

Во петокот беа забележани 8.618 случаи на 10,7 милиони жители, што е повеќе од 3.000 претходниот ден и значително повеќе по глава на жител од која било друга европска држава. Шпанија, со население од нешто помалку од 47 милиони жители и моментално втора најтешко погодена земја, документираше 12.788 инфекции на истиот ден.

Чешка сега забележа 451,2 случаи на ковид на 100.000 жители во период од 14 дена, во споредба со 308,1 за Шпанија, според статистичките податоци на Европскиот центар за контрола и превенција на болести.

Бројката во петокот, што го зголемува бројот на заразени регистрирани во првите 10 дена од октомври над таа за целиот септември, ги остави политичарите и здравствените експерти да се борат за решенија во рок од неколку дена по воведувањето на вонредна состојба минатата недела.

Земјата го надмина претходното сценарио во најлош случај, изготвено од министерот за здравство, Роман Примула, епидемиолог, кој беше назначен минатиот месец за да се бори против зголемените стапки на инфекции. Тој рече кога стапи на должност дека без построги мерки, бројот може да достигне од 6.000 до 8.000 на ден, што ќе биде над капацитетот на здравствениот систем да се справи.

Примула, кој јавно се судри со еминентни лекари од други области кои се залагаа за заострување на ограничувањата, се залагаше телата на луѓето кои умираат од вирусот да се кремираат наместо да се закопаат за да се спречи ширењето на инфекцијата, објави чешката новинска страница „Деник Н“ .

Тековната епидемија е далеку од минатата пролет, кога Чешка стана една од првите земји што ги затвори своите граници и наметна блокада низ целата земја како одговор на пандемијата. Нејзините регулативи за маски за лице, за кои се бараше прекривки да се носат дури и на отворено речиси два месеци, освои широко распространета меѓународна пофалба бидејќи бројот на инфекции остана скромен во споредба со другите земји.

Очигледниот успех ја поттикна владата на премиерот Андреј Бабиш, постепено да ги ублажува ограничувањата пред да ги укине речиси целосно на крајот на јуни.

Како што земјата се враќаше во приближно нормално ниво, случаите почнаа да се зголемуваат во август пред да се зголемат во септември, по што следеа обвинувања од политичките противници.

Потврдени случаи на Ковид-19 од почетокот на епидемијата

Бабиш, кој првично стави вето на предлозите за повторно поставување на правилата за маскирање пред да се повлече, се обиде да ја отфрли вината делумно на наводно неусогласената јавност, за која рече дека е помалку подготвена од порано да ги следи правилата.

„Вирусот се однесува поинаку отколку на почетокот на годината“, рече тој минатата недела. „Мислењето на луѓето за носење маска за лице е суштински променето и 7 отсто од Чесите никогаш не носат“.

Тој рече за време на викендот дека ќе прифати каква било препорака што тимот ќе ја даде во врска со потребата од втора блокада, објави Чешкото радио.

Владата минатата недела донесе низа регулативи, вклучувајќи наредби за затворање на пабовите во 20 часот, ограничувања на услугите во рестораните на четири клиенти на маса и затворање спортски сали, базени и зоолошки градини.

Сите спортски, културни и верски настани со повеќе од 10 лица во затворени простории и 20 на отворено се забранети од понеделник, а средните училишта и универзитетите се ограничени на учење од далечина.

Среде знаците дека чекорите се недоволни, Примула се состана со експертскиот тим на владата на епидемиолози за време на викендот за да разгледа дополнителни мерки. Примула рече дека ситуацијата е алармантна и призна дека претходните мерки на владата не успеале. „Она што најмногу ме загрижува не е зголемениот број на заразени, туку растечкиот број на луѓе на кои им е потребна хоспитализација и интензивна нега, како и зголемениот број на смртни случаи“, рече тој пред новинарите. (Гардијан)